ТРАДИЦИЈАТА Е НА СТРАНАТА НА „ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ“

Вардар не знае за пораз на стартот во Лигата на шампионите

Вардар денеска (19 часот) во Плоцк ја започнува одбраната на шампионската титула во Лигата на шампионите. Македонскиот првак во последните четири години никогаш не загубил на првиот натпревар во групната фаза.  

објавено: 17 септември 2017 - 09:37

За Вардар, но и за сите фанови на „црвено-црните“ оваа сезона во Лигата на шампионите ќе биде поинаква. Македонскиот тим се најде во позиција за која сонуваше - бранител на шампионската титула во најелитното европско клупско натпреварување.

Деновите на радост веќе се зад Раул Гонзалез и неговите избраници, денеска во Плоцк ја започнуваат можеби најтешката сезона. На стартот на групната фаза ќе се сретнат во полскиот тим, Висла, кој со нетрпение го чека дуелот против европскиот шампион. „Црвено-црните“ се мотив и пример за сите екипи во Лигата на шампионите.

A кога станува збор за дуелите на стартот на ова натпреварување, македонскиот првак во последните четири години никогаш не загубил на првиот натпревар во групната фаза. Напротив вардарци се радувале изминатите три сезони на гостувањата, лани кај Кристијанштад (28:23), година дена претходно во Монпеље (30:25), додека во сезоната 2014/2015 со победа 27:26 се вратиле од Целје. Во првата елитна сезона на овој (нов) Вардар, во Скопје одиграле нерешено со Барселона (29:29).

Пред заминувањето за Полска, Гонзалез имаше проблеми со повредените играчи. Лука Циндриќ и Мијајло Марсениќ отпатуваа за Плоцк и синоќа го одбработија последниот тренинг, но дали ќе настапат на денешниот меч зависи од шпанскиот стратег.



 

Најново во Ракомет