„ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ“ ИМААТ МАКСИМАЛЕН ЕФЕКТ ПО ДВЕ КОЛА

Вардар покажа европска моќ, на ред се фановите

Вардар е единствениот непоразен тим во група А по првите две кола во новата сезона во Лигата на шампионите, во која ја има улогата на бранител на титулата. Победничката серија „црвено-црните“ ќе имаат шанса да ја продолжат во недела на домашен терен против ППД Загреб, но затоа ќе им биде потребна поголема поддршка од трибините. 

објавено: 25 септември 2017 - 11:30

Вардар во новата сезона од Лигата на шампионите тргна како што му доликува на еден европски шампион. На гостувањето кај Висла Плоцк славеше со 26-22, а потоа на првиот меч пред домашната публика го доби амбициозниот состав на Нант (27-23) за кого настапува капитенот на македонската репрезентација, Кире Лазаров.

По едно вакво издание на ред се навивачите на „црвено-црните“. Во недела ќе имаат шанса да покажат дека Вардар се сака од стартот до самиот крај на сезоната. Против францускиот состав трибините не беа исполнети и покрај најавите...

Нов противник на Раул Гонзалез во СЦ „Јане Сандански“ е тимот на ППД Загреб, а билетите за овој дуел од денеска ќе бидат пуштени во продажба. Цената е иста, 350 денари за трибини и 150 денари за стоење.

„Од понеделеник (25 септември) почнува продажбата на поединечни билети за натпреварот од третото коло од А групата ба лигата на шампионите меѓу Вардар и ППД Загреб. Средбата е закажана за недела, 1 октомври 2017 година со почеток во 17,30 часот во СЦ „Јане Сандански".

Имателите на Вардар ПАС и сезонска картичка на РК Вардар можат да присустуваат на овој натпревар само со приложување на електронскиот ваучер на влезот од СЦ „Јане Сандански"“, известија од таборот на РК Вардар на својата официјална страница.

Загреб по првите две кола има еден пораз и едно реми, што пак е повеќе од доволен факт дека во Скопје нема да го оствари првиот триумф во новата сезона.

 

Најново во Ракомет