Македонскиот првак повторно предупредува

Вардар стравува од нови „спинувања“ од ЕХФ

Македонскиот првак се обрати со официјално соопштение по повод делегирањето на данските судии за утрешниот, како и за руските делители на правдата на полуфиналниот дуел од Ф4 во женската Лига на шампиони меѓу ЧСМ Букурешт и ЖРК Вардар

објавено: 26 април 2017 - 13:45

Минатата недела раководството на Вардар, на чело со сопственикот Сергеј Самсоненко прес-конференција пред медиумите по повод делегирањето на данските судии за утрешниот меч против Флензбург. Сега, нашиот шампион се плаши дека со назначувањето на руски делители на правдата на полу-финалниот меч меѓу ЧСМ Букурешт и ЖРК Вардар, Европската Ракометна Федерација, сака да ги замолчи „црвено-црните".

Соопштението ви го пренесуваме во целост.

„Пред претстојниот меч за реванш натпреварот за пласман на машкиот Ф4 турнир во Келн помеѓу Вардар и Флензбург, нашиот тим сака пред јавноста да посочи одредени факти поврзани со номинацијата на делителите на правдата. Цениме, дека се конструираат одредени дејствија во случај клубот повторно да реагира на реалните случувања.
Пред неколку денови нашата управа одржа прес-конференција на која ги изнесе аргументите и реагираше за именување на составот што ќе ја дели правдата, кој е од Данска. Во тимот на Флензбург, нашиот ривал, главниот спонзор исто така доаѓа од Данска, како и големиот дел од ракометарите.
Вчера беа номинирани руски судии за полуфиналниот натпревар од Ф4 турнирот во женска конкуренција меѓу Вардар и ЧСМ Букурешт што треба да се игра во Будимпешта на почетокот на мај. Дали номинацијата на оваа судиска двојка е резултат на нашите изнесени информации имајќи го предвид составот на женскиот ракометен клуб Вардар каде голем дел од ракометарите се од Русија, главниот тренер е Русин, а и спортскиот директор и главниот спонзор се исто така од Русија? Дали луѓето што ги делегираат судиите имаат за цел да не замолчат или се конструира потенцијален спин доколку има повторно реакција од наша страна?
Вардар е секогаш за фер игра, каде се залагаме да победи поквалитетната и подобра екипа, а ги почитува сите судии, но не се согласува со делегирањето каде постои можност за субјективност. Доколку се работи за натпревар од групната фаза делегирањето на судиите немаше да биде поттик за реакција од клубот.
Машкиот тим на Вардар за 24 часа го игра историскиот меч од постоењето на клубот, и би сакале да спречиме било каков потенцијал за постоење на судир на интереси.
Клубот денеска ќе испрати писмо до ЕХФ каде ќе побара промена на судиската двојка во полуфиналниот натпревар од Ф4 турнирот во женска конкуренција во Будимпешта.
Нема калкулации и компромиси, ќе се бориме до крај, ќе се бориме за македонскиот ракомет, ќе се бориме за Вардар" стои во соопштението на Вардар.

Најново во Ракомет