МАКЕДОНСКИОТ ШАМПИОН Е НА ЧЕКОР ДО ПЕХАРОТ

Вардар во ново финале, Ѓер мора да плати (ФОТО)

Вардар дојде до посакуваното финале, ја оправда улога на дуелот со дебитантот Ростов Дон совладувајќи го со 25-19 (10-7).

објавено: 12 мај 2018 - 19:32

Од Будимпешта,

Весна Николовска и Марија Ковачева

Вардар дојде до посакуваното финале, ја оправда улога на дуелот со дебитантот Ростов Дон совладувајќи го со 25-19 (10-7). „Црвено-црните“ дами во трката за титулата ќе играат против стариот должник, Ѓер, кој минатата година им ја одзеде радоста и ги испрати дома расплакани. Па токму ова сценарио кое дефинитивно ракометарките на Вардар не можат да го заборават ќе биде повеќе од доволен мотив за да се искачат на кровот на Европа. 

Играчот на мечот е Амандин Лејно, средбата ја заврши со 14 интервенции. Андреа Пенезиќ со седум погодоци беше прв стрелец, зад неа беше Андреа Лекиќ. 

„Црвено-црните“ дами не блескаа ниту во првото полувреме, ниту пак во второто полувреме. Беа доминантни, но мечот беше тежок, двата тима правеа премногу грешки, a благодарение на Амандин Лејно и нејзините 11 одбрани во првото полувреме, избраничките на Ирина Дибирова заминаа со позитива од 10-7. 

Мечот го отворија со серија од 4-1, русинките на другата страна цели девет минути беа без постигнат гол. Откако намалија на 4-2, следеа тешки минути на теренот, без реализација на двете страни. Лекиќ и Лакрабер ја прекинаа лошата серија на „црвено-црните", во 17. минута ги искачија на 6-2, а потоа неколку минути подоцна, Сара Ристовска ја совлада Песоа за највисоки 8-3 на мечот.

Ростов Дон направи серија од 4-1 и дојде на минус два на нецели две минути до крајот 9-7, но ваквата игра не ги дестабилизира, Радичевиќ ги врати девојките во вистинскиот колосек. Токму со погодокот на капитенот на полувремето Вардар замина со позитива од 10-7.

Второто полувреме беше нешто слично на првото. Вардар лесно доаѓаше до голема позитива, во 41. минута Пенезиќ погоди за 15-9. Русинките се вратија со серија од 4-0, во 47. минута беше 15-13. Пенезиќ со четвртиот погодок го прекина налетот на противникот. Во овој дел џокерот на „црвено-црните" беше Барбара Лазовиќ, сите три гола ги постигна во второто полувреме. 

Која е целта на македонскиот шампион на овој фајнл-фор, нашите двојки потврди во 53. минута, одново брзо се искачија на плус четири (15-19). Драгана Цвијиќ доби две минути исклучување на пет минути до крајот на мечот, на другата страна единствената ракометарка која го одржуваше противникот во игра, Илина од седум метри го направи претпоследниот обид за пресврт (20-17), но приказната веќе беше завршена. Вардар силно газеше кон финалето кое се игра утре со почеток од 18 часот. 

Најново во Ракомет