Време е за трета радост над тим од Германија сезонава

Вардар vs. Бундеслига 2:1

„Црвено-црните" денеска ќе го играат четвртиот меч од Лигата на шампионите против германски тим во оваа сезона, а во досегашните три имаат позитивен скор од 2:1

објавено: 27 април 2017 - 13:00

Нема сомнение дека Вардар во секоја наредна година станува сè посилен и повлијателен ракометен колектив во Европа. Македонскиот шампион тргнува во својата четврта мисија за флез на Ф4 во Лигата на шампионите, а противник е добро познатиот Флензбург.

Вардарци имаат позитива од два гола разлика по првиот меч во Германија и сето тоа ги крева надежите дека вечерва ќе се радуваме на прв, историски влез на фајнл-фор турнирот. Сепак, не треба да не залажува таа предност, бидејќи добро сме запознаени со квалитетите на Флензбург, но, и впрочем тимовите од Бундеслигата.

Вардар со германските тимови сезонава до сега одигра три средби и има позитивен скор од две победи и еден пораз. Во групната фаза, опонент од Бундеслигашите беше Рајн Некар Левен. Актуелниот првак на Германија и тим каде што во оваа сезона играат Дејан Манасков и Филип Талески, кој подоцна се приклучи.

Во првиот меч меѓу РНЛ и Вардар, кој се одигра во Франкфурт, „црвено-црните" беа брилијантни и победија со 33:27. Но, во Скопје, „лавовите" се радуваа на триумфот од 29:26 и тоа треба да ги држи вардарци на штрек, бидејќи токму единствениот пораз беше доживеан на домашен терен. Нешто што не смее да се случи вечерва.

Втората победа дојде последниов викенд, односно во „Фленс" арената. Вардар го одигра можеби и најдобриот меч сезонава и победи со 26:24.

Денеска е одличен ден да се дојде до третата радост на Бундеслигашите, а со тоа и да се прослави најголемиот успех во клупската историја.

Најново во Ракомет