ШАМПИОНОТ ГО ИГРА ПРВИОТ МЕЧ НА СВОЈ ТЕРЕН ВО ЛШ

ВАРДАРЦИ ЕДНОГЛАСНИ: Нант е сериозен противник, но ние играме дома, ја имаме најдобрата публика

Двете непоразени екипи во групата А по првото коло во Лигата на шампионите, Вардар и Нант денеска (17:30 часот) во СЦ „Јане Сандански“ ќе ги вкрстат „копјата“ и ќе се обидат да го продолжат победничкиот марш. 

објавено: 23 септември 2017 - 13:30

Двете непоразени екипи во групата А по првото коло во Лигата на шампионите, Вардар и Нант денеска (17:30 часот) во СЦ „Јане Сандански" ќе ги вкрстат „копјата" и ќе се обидат да го продолжат победничкиот марш.

За „црвено-црните“ првиот меч на домашен терен е поинаков од претходните сезони. Првпат како бранители на титулата во Лигата на шампионите ќе ја отворат сезоната во вулканот „Јане Сандански“. Раул Гонзалез и неговите избраници знаат дека пред себе имаат доста незгоден противник, но фактот дека ќе имаат поддршката од трибините е повеќе од доволен мотив да се продолжи победничкиот марш во одбраната на тронот.

„Нант е многу сериозен противник, има многу добри играчи, особено во нападот, добар голман. Затоа е потребно да бидеме концентрирани од првата до последната минута и со оглед на тоа дека двата тима имаат сличен систем на игра, сметам дека оној што ќе направи помалку грешки, ќе излезе како победник. Верувам во победа, секогаш кога играме дома, имаме само еден исход во мислите - триумф", вели Даниел Шишкарев.

Шпанскиот репрезентативец во вардаровите редови, Хорхе Македа, е играчот кој по три сезони поминати во дресот на Нант се пресели во Скопје. Бекот има само пофални зборови за некогашниот тим, но најавува одлична партија против францускиот состав.

„Нант направи многу промени во тимот по моето заминување. Играат одлично и во одбраната и во нападот, а како дополнување на тоа, Думулен и уште неколкумина други играчи се во одлична форма.
Мора да се спротивставиме најдобро што можеме, да бидеме максимално концентрирани ако сакаме победа на првиот натпревар дома, што многу ќе ги израдува и нашите фанови", изјави Хорхе Македа.

Според последните информации билетите за овој натпревар речиси се распродадени, како што доликува на еден прв меч на европскиот шампион на домашен терен, трибините на СЦ „Јане Санднаски“ ќе бидат исполнети.

 

 

Најново во Ракомет