ЕВРОПСКИТЕ ПРВАЦИ УТРЕ ЗАМИНУВААТ ЗА ДОХА

„Вардарци“ ќе атакуваат и на светската круна

Избраниците на Раул Гонзалес ќе играат на Супер Глоуб во Катар, каде ќе настапат на неофицијалното светско клупско првенство кое ќе се одржи од 25 до 29 август...

објавено: 22 август 2017 - 13:00

Ракометарите на европскиот шампион Вардар утре патуваат за Доха, Катар, каде ќе настапат на неофицијалното светско клупско првенство, Супер Глоуб кое ќе се одржи од 25 до 29 август. По успешните подготовки реализирани во Крањска Гора и во Скопје, „црвено-црните" беа и на турнеја во Германија, каде имаа делумен успех. Загубија од Бергишер и од Рајн Некар, но убедливо славеа над Гумерсбах. Иако се работи само за пријателски натпревари, кои беа први во претсезоната, а бундеслигашите имаа веќе неколку одиграни зад себе, сепак вардарци мораат да бидат подготвени на фактот дека сите ривали во претстојната сезона ќе бидат двојно мотивирани кога ќе играат против нив.


Од ростерот што на располагање го има Раул Гонзалес, за Доха најверојатно ќе заминат 16 ракометари, а шпанскиот тренер дополнително ќе одлучи кои ќе бидат тие.

На дуелите во Германија, поради ситни повреди не се ризикуваше со голманот Страхиња Милиќ, левото крило Владо Недановски и средниот бек Лука Циндриќ, но тројцата ќе бидат подготвени за настапот на Супер Глоуб, каде ќе има силен ритам на натпревари и во четири дена ќе бидат одиграни три дуели. Вардарци ја добија шансата да играат на Супер Глоуб со освојувањето на европската титула на Ф4 во Келн со победата над ПСЖ.

Настапот на неофицијалното светско клупско првенство ќе биде најголем успех на клупскиот македонски ракомет. Покрај Вардар од Европа претставници ќе бидат и Фуксе Берлин, кој е бранител на титулата од лани, како и полуфиналист од Лигата на шампионите, Барселона, која доби вајлд карта, односно специјална покана од организаторот.

За Доха не одат Недановски, Онцев и Поповски

Непосредно пред заминувањето за Катара, тренерот Раул Гонзалез го скрати списокот на играчи кои ќе ги користи за потребните на овој турнир.

Во Доха нема да патуваат левото крило Владо Недановски, потоа средниот бек Тоше Онцев и Мартин Поповски кој ја покрива позицијата на десно крило.  


Двојки за четвртфинале на Супер Глоуб
25 август
12 часот: Барселона - Есперанца (број 4)
14 часот: Вардар - Нафт-О-Гашаран (број 3)
16 часот: Фуксе Берлин - Пињеирос (број 2)
18 часот: Ал Сад - Сиднеј (број 1)
26 август
12 часот: Поразен број 3 - Поразен број 4
14 часот: Поразен број 1 - Поразен број 2
16 часот: Победник број 3 - Победник број 4 (полуфинале 2)
18 часот: Победник број 1 - Победник број 2 (полуфинале 1)
27 август - слободен ден
28 август
12 часот: Меч за 7 место
14 часот: меч за 5 место
16 часот: Меч за 3 место
18 часот: Финале

Најново во Ракомет