ШАМПИОНОТ НЕ МУ ПРОСТИ НА ПИК СЕГЕД

Вардарово враќање на победите, четвртфиналето се смешка

Вардар е на чекор до директниот пласман во четвртфиналето во Лигата на шампионите. Европскиот првак го искористи подарокот од Загреб, а на домашен терен го совлада Пик Сегед со 34-30 за зацврстување на лидерската позиција. Тимур Дибиров е играчот на мечот. 

објавено: 18 февруари 2018 - 18:31

Продолжува доминацијата на Вардар на домашен терен во Лигата на шампионот. Поразот од Барселона не се одрази врз играта на избраниците на Раул Гонзалез, го добија дуелот со Пик Сегед за зацврстување на лидерското место во групата А и веќе сигурно чекорат кон директниот пласман во четвртфиналето. Ова беше девета победа за македонскиот шампион во елитното натпреварување. 

По 12. коло „црвено-црните“ имаат 20 бода, три повеќе од Нант и четири од Барселона. До крајот на групната фаза остануваат уште два меча, против Нант на гостински терен и на домашен терен со Висла Плоцк, а математиката е едноставна. Вардар со пораз кај францускиот тим и триумфот против полскиот состав ќе остане на првото место на табелата. 

Во првото полувреме, европскиот првак не блексаше. Освен стартот и крајот на овој дел од мечот, останатото беше под нивото. Свој удел имаа и судиите, дозволија премногу груба игра на двете страни, повеќе би рекле не ги санкционираа ни малку спортските потези на ракометарите на Пик Сегед. Вардар отвори со серија од 3-1 со головите на Марсениќ и Дибиров, а на другата страна унгаркиот вицепрвак веднаш врати, па дури и поведе 3-4. Беше неизвесно, но до последната минута. Македа, а потоа Шишкарев, го искачија шампионот на 16-14, резултат со кој се замина на полувремето. 

Вардарци не застанаа, продолжија во исто темпо. Поточно со оние 16-14 креираа нова серија од 5-1 за највисоко водство од 19-15 во 35. минута. Три минути подоцна беше и 21-16, но унгарскиот тим во 40. минута намали на 22-20, а на средината на второто полувреме дојде на минус еден (25-24). Милиќ со одлична одбрана, а потоа Дибиров од контранапад 26-24. Вардар до крајот одржуваше позитива од два гола.  

Пик Сегед двапати беше во позиција да израмни и мечот да го одведе во незивесна завршница, но тоа не се случи. На крајот европскиот првак поведе со високи 33-29. 

Тимур Дибиров со 11 погоди беше прв стрелец во редовите на македонскиот тим, зад него беа Циндриќ со шест гола и Шишкарев со пет.

Во следното коло, Вардар му гостува на Нант за кого настапува Кирил Лазаров.

Најново во Ракомет