БРЕСТОВАЦ СЕ НАДЕВА НА ДОБАР МЕЧ ВО 60 МИНУТИ, НЕ САМО 30

Велковски: Со добра одбрана до позитивен резултат против Бешикташ!

Денеска се одржа прес-конференција по повод натпреварот од второто коло на Лигата на шампионите, меѓу екипите на РК Металург и на Бешикташ.

објавено: 21 септември 2018 - 14:10

Оваа средба ќе се одигра в недела, 23 септември, во ВИП Арената СЦ „Борис Трајковски" - Скопје со почеток од 17:00 часот.

Тренерот на Металург, Данило Брестовац:

„Среќен сум, најпосле работиме комплетни. Ќе се обидеме да победиме, да понудиме добар меч во 60 минути не само 30 минути како на претходниот натпревар. Имаме и ротација, која ни недостасуваше на претходните дуели. Се надевам на добар резултат, со добра, паметна и трпелива игра во напад и агресивна одбрана".

Да потсетиме, во групата Ц на стартот „сино-белите" во Португалија загубија од Спортинг со конечен резултат 34:26.

Следниот ривал на тимот од Автокоманда, турската екипа исто така претрпе пораз на домашен терен од Татран Прешов (22:28).

Ракометарот на Металург, Мартин Велковски:

„Во ЛШ нема лесен меч и секој бод е успех за нас. Бешикташ е добра екипа, со искусни играчи. Го познаваме нивниот квалитет, лани имавме шанси, кои не ги искористивме, се надевам дека овојпат нема да биде така. Потребна ни е добра игра во одбраната за да дојдеме до позитивен резултат и да се избориме за првите бодови во ЛШ сезонава".

Дуелот помеѓу Металург и Бешикташ ќе го судат Марек Барановски и Богдан Леманович од Полска, а ЕХФ делегат е Јосип Посавец (Хрватска).

Најново во Ракомет