БИЛЕТИТЕ СЕ ПУШТЕНИ ВО ПРОДАЖБА

ВРЕМЕ Е ВУЛКАНОТ ДА СЕ АКТИВИРА: Од Вардар апелираат за поддршка за дуелот со Пик Сегед

По поразот од Барселона, Вардар го задржа лидерското место во групата А, но за да остане таму ќе мора во недела на домашен терен да го совлада Пик Сегед.

објавено: 14 февруари 2018 - 12:00

По подолго време „вулканот Јане Сандански“ повторно ќе се активира. Вардар во недела го пречекува незгодниот тим на Пик Сегед во рамките на 12. коло во Лигата на шампионите. Победа е единствената опција за избраниците на Раул Гонзалез доколку сакаат да останат на врвот на табелата во група А, но и да продолжат да чекорат кон обезбедувањето на директниот пласман во четвртфиналето.

Поразот од Барселона и триумфот на Нант ја стопи предноста на македонскиот шампион во однос на францускиот тим за кого настапува Кирил Лазаров. Вардар има 18 бода, додека Нант има само 17 бода. Доколку „црвено-црните“ не успеат да го совладаат унгарскиот тим би можеле да паднат во врвот со триумф на францускиот состав кај ППД Загреб.

Како и секогаш така и овој пат од таборот на македонскиот шампион ги повикаа фановите да дојдат во што поголем број, билетите се пуштени во продажба.

„Дојдете да навиваме за европскиот шампион!!! На 18 февруари во 17 часот во СЦ „Јане Сандански" на распоредот е натпреварот Вардар - Пик Сегед од ЕХФ лигата на шампионите. Билетите се во продажба на билетарницата на СЦ „Јане Сандански", секој работен ден од 10 до 18 часот и во продажната мрежа на ТикетПлус. Цена на билети: Стоење – 150 денари и  Трибина – 350 денари“, известија од РК Вардар.

 

  

Најново во Ракомет