СЕЛЕКТОРОТ НА СЛОВЕНИЈА ГО ЗНАЕ ПОБЕДНИКОТ ВО ЛШ

Вујо: Вардар ќе ја одбрани европската титула

„Мислам дека Вардар и ПСЖ ќе играат во финалето на ЛШ, а црвено-црните ќе ја одбранат титулата", изјави Веселин Вујовиќ во разговор за „sportsport.ba".

објавено: 24 мај 2018 - 19:07

Селекторот на словенечката репрезентација Веселин Вујовиќ во разговор за босанскиот спортски портал „sportsport.ba" најголеми шанси за триумф во ракометната Лига на шампиони му дава на македонскиот шампион. Вардар минатата година го освои трофејот по победата над ПСЖ, а Вујовиќ предвидува исто сценарио и во 2018 година.

„По се што покажа и оваа година мислам дека Вардар може да биде прв тим кој успеал да ја одбрани титулата шампион на Европа. Тоа е навистина тежок подвиг затоа што целото натпреварување е напорно. На Вардар му е олеснета ситуацијата со тоа што се соочува со Монпелје во полуфиналето кој пред неколку денови изгуби од Ст.Рафаел и ја изгубија титулата во француската лига. Затоа мислам дека психолошката предност сега е на страната на Вардар. Мислам дека Вардар – ПСЖ ќе биде финалето и оваа година, и иако можеби сум лош прогнозер сметам дека Вардар ќе ја одбрани титулата. Му давам предност на македонскиот тим затоа што минатата година победи иако беше аутсајдер", вели Вујовиќ.

Вардар на крајот на оваа сезона ќе остане без неколку важни играчи и без тренерот, а на прашањето дали тоа може да биде дополнителен мотив за играчите да се простат со европска титула Вујо одговори:

„ Не верувам дека тоа може да им биде мотивација, а тоа се виде и со женскиот тим. Мислам дека поголема предност би била да останат и по оваа сезона, да ветуваат во проектот на клубот итн. Вака мислам дека мотивацијата и емоциите нема да бидат на највисоко ниво. Мене ми е интересно што Раул Гонзалес и Давид Дејвис си заминаа од клубот веднаш штом добија добра финансиска понуда. А тоа воопшто не ми се допаѓа, но што да се прави кога таков е пазарот", вели некогашниот тренер на Вардар.


„Мое лично мислење е дека Вардар ќе биде доминантен уште една сезона и потоа Сергеј Самсоненко ќе го направи тоа што го направи и со женската екипа. Кога тоа ќе се случи, мислам дека долго ќе се изначекаме на некој забележителен настап на клубовите од регионот. Загреб или Целје се добри екипи, но не можат да им парираат на најсериозните европски клубови по организација, резултати, трансфери и друго", рече Вујовиќ на крајот.

 

Најново во Ракомет