ТРИ ВАРДАРКИ СЕДНАЛЕ НА ЕВРОПСКИОТ ТРОН

ЗНААТ КАКО СЕ ОСВОЈУВА ТИТУЛАТА: Радичевиќ, Лекиќ и Цвијиќ го имаат кренато пехарот во Лигата на шампионите

Крилото и средниот бек заедно се радуваа на ваквиот успех со Ѓер, додека кружниот напаѓач е единствената која има славено европска круна во Будимпешта, во дресот на Будуќност

објавено: 9 мај 2018 - 10:20

Три вардарови ракометарки, капитенот Јованка Радичевиќ, организаторот на играта Андреа Лекиќ, како и пикерот Драгана Цвијиќ, може да се пофалат дека знаат какво е чувството да се седне на кровот на Европа – да се освои Лигата на шампионите.

Крилото и средниот бек заедно се радуваа на ваквиот успех додека настапуваа за унгарскиот првак Ѓер, во сезоната 2012/2013, која воедно беше и последна за нив во овој клуб (двете се преселија во Вардар).

Кружниот напаѓач Драгана Цвијиќ, пак, може да се пофали дека е единствената во „црвено-црните" редови која двапати го има освоено најсилното европско клупско натпреварување, и во двата случаи тоа е со црногорскиот шампион Будуќност (2011/2012, 2014/2015).
Уште една работа по која е уникатна Цвијиќ во вардаровиот табор е фактот дека само таа има славено европска круна во „Ласло Пап" во Будимпешта.

И додека Радичевиќ и Лекиќ се надеваат на повторување на историјата, односно како во случајот со Ѓер, така и од Скопје да се простат со европска титула, Цвијиќ ќе чека „трета среќа" пред нејзината преселба во ЧСМ Букурешт заедно со овие соиграчки.

Најново во Ракомет