ОДНОВО БЛЕСКАШЕ ГЕНЗХАЈМЕР ОВОЈПАТ СО „КАРИОКИТЕ“

„Меле“ норвешката машина, Германците лесно и против Бразил!

После импресивната победа од 34:24 против Тунис, норвешката репрезентација во Копенхаген денеска со високи 40:21 ја совлада и Саудиска Арабија.

објавено: 12 јануари 2019 - 19:50

Составот кој последните години навистина успешно го води Кристиан Берге, го освои својот прв медал пред две години на СП во Франција, сребро после поразот во финалето од домаќинот, а гледајќи го талентот на оваа генерација не е невозможно наскоро да направи и чекор напред.

Во денешниот триумф доминираа Магнус Род со девет и Еспен Лие Хансен со осум голови, а на спротивната страна седум пати во листата на стрелците се запиша Махди Алсалем.

Германците на стартот ја преслушаа Кореја (30:19), а денеска уште поубедливи над Бразил (34:21). Одново блескаше Гензхајмер со 10 голови (10/13), а за „кариоките" се истакна Толедо (пет погодоци). На табелата во групата А води Германија со четири бодови, пред Русија (три), следуваат Франција (два) и Србија (еден) кои својот меч ќе го имаат вечерва од 20:30 часот, а последни без бодови се Бразил и Кореја.

Во групата Ц води Норвешка со четири бодови, пред Данска (два) која има еден меч помалку, а тој ќе го одигра од 20:15 часот со Тунис кој пак ги бара првите бодови. По два имаат уште Австрија и Чиле, а ниту еден Саудиска Арабија.

Најново во Ракомет