СЕ ЗНАЕ КОЈ Е КОЈ ВО ЖЕНСКИОТ РАКОМЕТ

Норвешка ја продолжи европската доминација

Холандија даде достоен отпор во финалето, но „лалињата“ не можеа да се спротистават на селекцијата која е како претплатена за златниот медал

објавено: 18 декември 2016 - 19:27

Ништо ново кога се работи за европските првенства за жени. Норвешка ја продолжува доминацијата, откако го одбрани тронот и повторно е континентален владетел. На турнирот во Шведска, репрезентацијата на Норвешка во финалето 30:29 ја победи Холандија. 

Норвешка има неверојатна доминација на првенствата. На последните седум шампионати, дури шест пати застанувале на највисокото место на пиедесталот. Доминацијата започна во 2004 година, а потоа најдобри беа и во 2006, на првенството во Македонија во 2008 година, а потоа во 2010.

На ЕП 2012 во Србија беа поразени во финалето од Црна Гора, а повторно си го вратија златото во 2014 година. Сега во Шведска потврдија дека се најдобри. Ова е вкупно седмо нивно злато на ЕП. 

Холандија иако загуби во финалето, испиша историја, бидејќи за нив ова е прв медал од големо натпреварување. Претходниот најдобар пласман на „лалињата“ на континенталните собири беше седмо место. 

Во финалето, Холандија даде повеќе од достоен отпор. Во првото полувреме тие ја диктираа играта, па дури имаа и предност од 13:9. Сепак на полувреме се замина со нерешено (15.15). Во вториот дел, норвешка поведе и речиси постојано имаше предност. Сепак во последната минута следуваше драма. При резултат 30:29 за Норвешка, Холанѓанките имаа два напади за реми, но не реализираа.

Третото место на ЕП го освои Франција, која во борба за третото место со 25:22 ја победи Данска.  

 

Најново во Ракомет