ТОА Е СИЛАТА НА ЕВРОПСКИОТ ПРВАК

Подготвени за одбрана на европската круна: ВАРДАР ПОБЕДИ НА ГОСТИ КАЈ КИЛ!

Со гол во последната секунда, Вардар славеше со 29:28

објавено: 22 април 2018 - 18:41

Како и што се очекуваше така и беше на првиот меч меѓу Кил и Вардар, кој се играше во Германија, во четвртфиналето од Лигата на шампионите. На крајот Вардар славеше со 29:28 и само ги зголеми шансите дека повторно ќе биде дел од завршницата на фајнл-фор турнирот во Келн.

Реванш дуелот ќе се игра на 29 април во „Јане Сандански“, кога и ќе биде познат патникот за во Келн на фајнл-фор завршницата. 

Вардар добро го отвори мечот и поведе со 3:1, а потоа и со 5:3, за да 12 минута „црвено-црните" поведоа со три гола предност 7:4, a потоа и 8:5. Дo овој момент голманот на Вардар, Арпак Штербик имаше четири одбрани.

Кил потоа заигра подобро во одбраната и со серија од 3:0 стигна до израмнување 8:8 во 18 минута, но домаќините не успеаа да поведат. Следеше мини серија на Вардар за 10:8, а потоа и ново реми (10:10 во 23 минута).

Вардарци не се збунија па повторно ја вратија предноста од три гола 14:11, но домаќините до крајот на полувремето дадоа погодок за 14:12 за Вардар во „Шпаркасен Арена".

И во второто полувреме избраниците на Раул Гонзалез добро отворија и поведоа со 17:14. Тогаш се разбрани голманот на домаќините Ландин (шест интервенции во првите 10 минути во вториот дел), па Кил стигна до 18:18 во 40 минута. 

Вардар водеше со 20:19 во 43 минута, но потоа следеа најдобрите минути за Кил. Домаќините направија серија од 4:0 и стигнаа до 23:20 во 48 минута. Тоа впрочем беше и прв пат на мечот домаќините да имаат позитива. 

До крајот на мечот, германскиот тим не успеа да ја сочува предноста, а Македа со гол во последната секунда донесе триумф на „црвено-црните“.

Стоилов и Мораеш со по пет гола беа најефикасни кај Вардар, а Штербик заврши со 11 одбрани. 

Сега следи реваншот во Скопје и фештата која треба да биде направена во „Јане Сандански“, а Вардар да биде испратен во Келн да го брани европскиот трон освоен минатата година.

Најново во Ракомет