РФМ СО ДОПОЛНИТЕЛЕН СТИМУЛ

Премија од 100.000 евра за пласман во полуфиналето на Македонија

За секоја од поминатите фази на континенталниот собир следуваат различни премии

објавено: 12 јануари 2018 - 10:56

Македонската ракометна репрезентација ќе добие премија од 100.000 евра доколку успее да се пласира во полуфиналето на Европското првенство кое денеска стартува во Хрватска. Во соопштението од Ракометната федерација на Македонија, стои: 

На завршниот состанок на управата и стручниот штаб на Ракометната Федерација на Македонија со машките репрезентативни сениори непосредно пред поаѓањето за ЕП2018 во Хрватска, Претседателот на РФМ, г. Живко Мукаетов најави парични премии за репрезентативците за настапите на претстојниот континентален собир.

Имено, Мукаетов најави премија од 30.000 евра за репрезентацијата доколку се оствари пласман во втората фаза од првенството и дополнителни 30.000 евра (или вкупно 60.000 евра) доколку А-тимот обезбеди пласман на некое од првите 6 места на првенството. Доколку машките сениорски репрезентативци пак успеат да стигнат до полу-финалето на ова првенство (пласман во топ 4), Претседателот на РФМ вети премија од дополнителни 40.000 евра или вкупно 100.000 евра за ваков висок пласман на шампионатот.

По исполнување на (некој од) горе наведените услови, споменатите предлози за парични премии ќе бидат предложени за верификација до Управниот одбор на Федерацијата.

Сениорската машка репрезентација на Македонија од вчера е во Загреб каде веќе го одработи и првиот тренинг. Првиот меч нашите ракометари го играат во сабота (13 јануари 2018 година) во 19:30 часот, против селекцијата на Словенија.

Најново во Ракомет