БЕКОТ НА МЕТАЛУРГ СЕЗОНАТА ЈА ЗАВРШИ КАКО ПРВ СТРЕЛЕЦ

ПРВ „БОМБАРДЕР“ ВО СЕХА: 100-ка за Јагањац

Халил Јагањац е најдобриот стрелец во СЕХА лигата, а доминацијата ја потврди со петте погодоци против Целје во последниот меч од регуларниот дел на сезоната

објавено: 19 март 2018 - 11:00

Хрватскиот репрезентативец во редовите на Металург, Халил Јагањац е најдобриот стрелец во СЕХА-лигата за сезоната 2017/2018 со вкупно постигнати 100 погодоци. Доминацијата во Регионалната лига левиот бек ја потврди со петте погодоци кои ги постигна синоќа против Целје во „Борис Трајковски" во последниот натпревар од регуларниот дел на сезоната за Металург.

Јагањац има предност од пет погодоци пред конкуренцијата, односно вториот стрелец, Бруно Буторац од Татран Прешоб. Покрај Јагањац во првите десет стрелци сезонава има уште двајца ракометари на Металург, капитенот Филип Кузмановски, кој со 75 гола е на 5. позиција, додека пикерот Жарко Пешевски со 65 погодоци е на 9. место.

На оваа листа се наоѓа и крилото на Вардар, Тимур Дибиров, кој има постигнато досега 72 гола и е седми стрелец. Вчера беше комплетиран регуларниот дел од сезоната во СЕХА, а она што следи е Ф4 турнирот закажан од 13 до 15 април во СЦ „Јане Сандански" во Скопје, во кој Вардар ќе ја брани титулата во конкуренција со ППД Загреб, Мешков Брест и Целје.

ТОП 10 СТРЕЛЦИ - СЕХА
1. Халил Јагањац (Металург) 100
2. Бруно Буторац (Татран П.) 95
3. Јакуб Хрстка (Татран П.) 83
4. Златко Хорват (ППД Загреб) 79
5. Филип Кузмановски (Металург) 75
6. Томаш Чип (Татран П.) 72

7. Тимур Дибиров (Вардар) 72
8. Жига Млакар (Целје) 69
9. Жарко Пешевски (Металург) 65
10. Лукас Урбан (Татран П.) 65

Најново во Ракомет