ШТО РАУЛ ЌЕ ПОСАКА, „СВЕТЦИТЕ“ МОЖЕ ДА ПЛАТАТ

БЕЗОБРАЗНА ПОНУДА: ПСЖ нуди четири милиони за Лука Циндриќ

Најдобриот играч на светот во моментов, средниот бек Лука Циндриќ може да стане најскапо платениот ракометар доколку Келце ја прифати понудата од четири милиони, која францускиот првак ја дава за услугите на Хрватот.

објавено: 1 јули 2018 - 13:50

Екс-вардаровиот среден бек, Лука Циндриќ, актуелниот најдобар ракометар на свет може да стане и најскапо платен играч доколку се реализира понудата од четири милиони евра која ПСЖ ја дава на Келце за да ги добие услугите на 24-годишниот Хрват.

Циндриќ беше претставен како големо засилување на полскиот првак уште пред тој да го крене европскиот пехар со Вардар во 2017 година, а неговиот ангажман требаше да стартува од август.

Но, по превземањето на Раул Гонзалез на францускиот првак Пари Сен Жермен, стратегот имал само една желба – во тимот да го има Лука Циндриќ.
Со оглед на тоа дека сопственикот на ПСЖ, катарскиот емир Насер Ал-Келаифи има неограничени финансиски ресурси и се чини дека би направил се за „светците" да седнат на кровот на Европа, тој прво ќе се обиде да му ја исполни желбата на Гонзалез.

Првата понуда на ПСЖ била еден милион, која Келце ја одбил. Втората била милион ипол евра на која исто така „светците" добиле негативен одговор, но затоа третата сума е безобразна – четири милиони евра!

Се чека одговор од Келце, кој доколку ја прифати понудата Лука Циндриќ ќе стане најскапиот ракометар во историјата.

Најново во Ракомет