Тренерот од Босна веднаш тргнува во акција

КВАРТЕТ ТРЕНЕРИ ЗА ЕДНА СЕЗОНА: Каменица се активира веднаш во ППД Загреб

Иако поранешниот тренер на Пелистер потпиша договор со кој ќе го преземе хрватскиот првак од наредната сезона, сепак, таа одлука стапува веднаш на сила

објавено: 17 мај 2017 - 19:35

Екипата на ППД Загреб зад себе ја има можеби и најтурбулентната сезона во историјата. Во период од само неколку месеци, „плинарите" променија три тренери, а четвртиот, Касим Каменица, кој беше најавен од наредната сезона, со својата мисија ќе започне од оваа.

Имено раководството на Загрепчани донесе одлука да го смени Славко Голужа, а до крајот на оваа натпреварувачка година, на клупата ќе седне Каменица. Како што е познато, искусниот Босански тренер кој најпрвин беше предводник на Пелистер, одлучи да си замине од Битола и да парафира договор со најдобриот хрватски ракометен колектив.

Пред два дена, ППД Загреб одлучи и да го промени капитенот. Златко Хорват беше „разрешен" од капитенската лента која му беше дадена на искусниот Игор Вори. Сето тоа беше направено поради наводна недисциплина во екипата.

Останува да се види какви ќе бидат амбициите на ППД Загреб во летниот преоден рок каде што се очекуваат неколку рокади на играчки план. Но, сето тоа ќе зависи и од буџетот кој што ќе го имаат за засилувања.

Најново во Ракомет