НАЈДОБРИТЕ ВО 2016 ГОДИНА, ВО ИЗБОРОТ НА СПОРТМЕДИА

Нашиот најдобар ракометар е прв „пик“: Кире Лазаров

Нашиот најдобар ракометар е првиот од десетте кандидати во нашиот избор за спортист на годината, кои што ќе ги објавуваме во наредните денови

објавено: 21 декември 2016 - 09:30

Почнувајќи од денеска, „Спортмедиа" во наредните десет дена ќе направи сопствен избор од спортисти кои што ја одбележаа оваа година. Победникот ќе го прогласиме на последниот ден од 2016 година.
Ниту еден македонски избор за спортист на година не може да помине без Кире Лазаров. Со години наназад, капитенот на нашата ракометна репрезентација игра на врвно ниво, а воедно и еден од најдобрите десни бекови во историјата на овој спорт.

Лазаров имаше нова одлична година на индивидуален план со Барселона, и покрај тоа што Каталонците не успеаја да дојдат до зацртаната цел. Тоа е пласманот на фајнл-фор турнирот од Лигата на шампионите и атак на титулата. Македонецот е првиот играч кој што успеал да ја надмине бројката од 1.000 погодоци во Лигата на шампионите. Во минатата сезона, пак, Лазаров запиша 109 погодоци, податок кој го смести на третото место, зад Момир Илиќ (120) и Микел Хансен од ПСЖ со 141 погодок.

Кога станува збор, пак, за шпанските натпреварувања, очекувано Барса немаше проблем да ги освои титулите во првенството и Купот.

СТРЕЛЕЦ НА 25.000 ГОЛ ЗА БАРСЕЛОНА ВО АСОБАЛ

На мечот против Бидасоа, Лазаров беше стрелец на 25.000 гол на Барселона во шпанската АСОБАЛ лига. Барселона на тој меч победи со 35:26 и дојде до тогашниот 102. триумф едноподруго во домашниот шампионат (сега Барселона има 107 победи).
Шпанскиот првак во моментов по 15 одиграни кола има освоено 30 поени и се наоѓа убедливо на првото место во АСОБАЛ.

Најново во Ракомет