Селекторот засега е задоволен

Червар: Играчите одлично се носат со пеколното темпо

Македонската репрезентација во Маврово одбработи половина од првата фаза од подготовките за Светско првенство во Франција. И натаму се работи со силен интезитет.    

објавено: 26 декември 2016 - 09:55

Македонската репрезентација веќе една недела се подготвува за настапот на Светското првенство во Франција. Во Маврово се работи сериозно, а пеколното темпо, панцирите... и натаму е на програмата на селекторот, Лино Червар.

„Спортмедиа“ беше во посета на ракометарите и на лице место можеше да се увери дека се работи под „полна пареа“. Засега за предводникот на „црвено-жолтите“ единствен проблем е вирусот, Червар е задоволен од залагањето на ракометарите, кои одлично се носат со пеколното темпо. 

„Најголем проблем во досегашниот дел од подготовките е вирусот. Пет играчи имаа температура. Ниту еден тренер кој е паметен не може да биде задоволен ако ги нема на располагање сите ракометари. Играчите на големо изненадување засега добро ја обавуваат својата работа и најважно од се одлично се носат со силниот интезитет на тренинзите“, беа првите зборови на Червар по завршувањето на тренингот.

Покрај физичката подготовка, главен акцент е ставен на одбраната. Според она што го видовме, Македонија во Франција ќе отпатува со многу изненадувања, Лино и неговите соработници не оставаат ништо на случајност.  

„Морам да признам дека времето не е наш сојузник, брзо поминува. Се надевам дека ќе успееме навреме се да подготвиме. На дуелот со Чешка наш единствен проблем беше одбраната која мора да биде црвста за да може да им парираме на Тунис и другите репрезентации.

 

Лесно е да се каже дека треба да играме добра одбрана, но тешко е да се спроведе. Мора аналитички и полека да им се објасни на ракометарите што барам од нив. Секако одбраната треба да се прилагоди според структурата на играчите. Ние сме прсилни да имаме повеќе варијатни А,Б,Ц, па и Д варијатна. Ќе играме агресивна зона и поширока, потоа погуста зона и комбинирана зона“, ни објасни искусниот стратег, кој секако не сакаше целосно да ја открие тактиката.

Новитет во редовите на националниот тим е нова стратегија, односно играта седум на шест.

„Што се однесува до нападот ќе имаме две тактики (седум на шест и шест на шест), мора да бидеме подготвени на сите варијатни. Секако и ние ќе треба да бидеме подготвени за да им парираме на екипите кои ќе играат „седум на шест“.

За мене нападот со седум ракометари е нова револуција во ракометот, на овој начин репрезентациите ќе покажат дека знаат да играат ракомет.

Можеби нападот со седум ракометари ќе биде наш џокер, не би сакал се да откривам. Не може да очекувам дека преку ноќ ќе успееме да го усовршиме, ќе биде тешко. Најмногу зависи од главата, таа ги контролира и мускулите во телото, мора да играме паметно“, вели Червар.

Македонската репрезентација веќе утре треба да биде комплетна, во Маврово треба да се приклучат Филип Миркуловски и Дејан Манасков. Враќањето за Скопје е предвидено за в петок. Во нашиот главен град ракометарите ќе одиграат три контролни натпревари до стартот на Мундијалот во Франција.

Марија Ковачева

 

Најново во Ракомет