Хрватскиот тренер сега ќе го гледаме со „поинакви“ очи

Македонија не заслужи ваков однос од Червар

Не е никаков срам да се прифати повикот од својата татковина, туку срамотен е начинот на кој Червар и го сврте грбот на Македонија. Можеше тоа да го стори и на подостоинствен начин, бидејќи го заслуживме тоа

објавено: 16 март 2017 - 09:30

Пишува
Перица Гиевски

Лино Червар не е повеќе селектор на Македонија. И тука нема ништо ново, вест која за нас е позната со денови, додека Хрватите ја знаеа очигледно со недели. По само 10 месеци како предводник Лино одлучи да му сврти грб на РФМ и на еден недоличен начин да се врати на селекторската клупа на Хрватска.

Да се разбереме, не е никаква срамота да се прифати повикот од Хрватска за селектор напротив тоа е гордост и чест кој секој би посакал да ја има. Но, заслужи ли Македонија ваков третман од човекот кој со години го водеше Металург, а последниве 10 месеци и црвено-жолтите" сениори? НЕ!

По самото преземање на нашата селекција, Червар најавуваше големи проекти, подмладувања а како главна цел беше Олимпијадата во Токио 2020 година. Но, уште на самиот почеток Хрватот „скршна" иако раководните луѓе на РФМ и пред сè македонската јавност верувавме во него.

Не само што тој го напушти овој брод кој стабилно плови, туку и на секое експозе, барем пред македонските медиуми Лино велеше дека немало никакви разговори со Хрватите, иако претседателот на ХРС лично дојде во Скопје.

„Тврдам - никогаш со Хрватска не сум имал официјален разговор да бидам нивен селектор. Зошто? Затоа што го почитувам мојот клуб Металург и Минчо Јорданов, главниот виновник што дојдов во Македонија. Како и Живко Мукаетов, првиот човек на РФМ која е голема моја поддршка" кажавте на еден од последните прес-конференции за Металург.

Што се случи во меѓувреме!? Очигледно е дека другата приказната, таа на медиумите од Хрватска, беше подобро „продадена“, па затоа и впрочем они имаа посвежи информации за целата оваа ситуација.

Целата наша јавност, на чело со претседателот Живко Мукаетов укажа голема доверба Лино, па дури и на реизборот на претседател на РФМ, Мукаетов истакна дека му веруваше на сега веќе поранешниот наш селектор.

Колку што знам, Лино даде изјава околу тие поврзувања со хрватската репрезентација и мислам дека доволно кажа" рече Мукаетов на реизборот.

Но, очигледно е дека многу брзо Лино ги промени своите планови за иднината. Македонскиот ракомет и репрезентација, ќе продолжи со својот напредок и без Червар, бидејќи постојат одговорни луѓе со вистински морални вредности. На Лино останува да му се заблагодаремие за сите успеси со Металург, како и за тоа што ја предводеше Македонија до и на Светското првенство во Франција.

Му посакуваме голем успех во понатамошната кариера, а за крај ќе ја оставам изјавата на Веселин Вујовиќ кој веднаш по информациите за преземањето на Хрватска се огласи. Иако во февруари таа изгледаше нелогична, и пред сè напаѓачка, за жал голем дел од нејзе е вистинита.

„Ќе истакнам нешто поради што ќе бидам нападнат и погрешно разбран. Червар, кој е селектор на Македонија се колне во тој проект на младите. Но, со нетрпение чека понуда од Хрватска. Тоа значи дека се фолира".

Најново во Ракомет