Нашата репрезентација вечерва ги решава дилемите

„Црвено-жолт“ печат за осмина-финале

По успешниот мундијалски почеток, нашата репрезентација вечерва со победа над втората африканска селекција во групата „Б", ќе обезбеди пласман во осмина-финалето

објавено: 14 јануари 2017 - 18:47

Мундијалската приказна за Македонија продолжува вечерва.

Нашата ракометна репрезентација против Ангола во 20:45 часот ќе ја бара втората победа во групата „Б" со што и практично ќе го обезбедиме пласманот во осминафиналната фаза.

Ангола не смее да се потцени, но, јасно е дека апсолутната фаворитска улога е на нашата страна.

„Мора да се остави зад себе радоста од победата над Тунис, тоа беше само една од петте средби што ги играме во Мец. Сега треба максимален фокус кон Ангола. Знаеме дека оваа селекција е аутсајдер и дека одигра многу слабо против Словенија, но, не смееме да се залажуваме и да се опуштаме. Сигурно дека ќе имаат желба за докажување. Ние, пак, мораме да влеземе крајно мотивирани и дисциплинирани. Целосно сме фокусирани на овој меч и свесни сме за влогот, победа значи и пласман во осмина-финале" изјави Филип Миркуловски.

Јасно е дека селекторот Лино Червар вечерва ќе им даде шанса на сите ракометари освен Велко Маркоски, кој на премиерата против Тунис заработи повреда на грбот.

Најново во Ракомет