Нашата селекција го доби одлучувачкиот натпревар

„Црвено-жолта“ радост во Кале, Македонија ќе ја гледаме на ЕП!

Нашите девојки во последниот, одлучувачки натпревар славеше над Фарски Острови со 23:19 и обезбеди настап на континенталниот шампионат кој годинава ќе се одржи во Словенија

објавено: 19 март 2017 - 20:52

Македонија е на Европско првенство!!! Нашата млада женска ракометна репрезентација ќе настапи на континенталниот шампионат кој годинава ќе се одржи во Словенија. Пласманот таму го обезбедивме откако во последниот, одлучувачки натпревар ги победивме Фарски Острови со 23:19, на квалификацискиот турнир во Скопје.

Со тоа, го освоивме второто место во втората квалификациска група со четири бодови.

„Црвено-жолтите" девојки, демонстрираа подобра игра, и го победија директниот конкурент за второто место во групата. Почетокот им припадна на гостинските ракометарки кои дојдоа до водство и од 5:3. Но, нашите репрезентативки успеаа да ја намалат негативата и до првото водство дојдоа точно на средината на првиот дел откако Гајиќ погоди за 8:7. Од тој момент па натака, нашата селекција беше таа што го контролаше мечот. Играта во секој нареден момент беше на подобро ниво, па така на полувреме заминавме со водство од 15:10.

Иако беше рано за еуфорија, стануваше јасно дека оваа предност е одлична, и дека ќе биде тешко за противникот да се врати. Така и беше. Како што одминуваше мечот, опонентот стануваше се понервозен, а тоа дополнително ја олеснуваше нашата работа.
На крајот победа вредна Европско првенство од 23:19, со која Македонија повторно докажа дека има иднина во овој спорт.

Леонида Гичевска со седум голови беше најефикасниот поединец кај нас, а воедно и на теренот.

На првото место заврши Унгарија која што имаше максимален скор од три победи, а денеска ја демонстрираше својата сила над Молдавија и ја победи со неверојатни 65:20.

Најново во Ракомет