Прв пораз за нашата селекција во квалификациите за СП

„Црвено-жолтите“ немоќни против Австрија

Нашата женска репрезентација во вториот меч на квалификацискиот турнир за СП на Фарски Острови, загуби од Австрија со 19:28

објавено: 3 декември 2016 - 17:35

По вчерашната победа, прва после четири години, женската ракометна репрезентација на Македонија се врати на поразите. На вториот меч во групата Б на турнирот за квалификациите за Светското првенство кој се игра на Фарски острови, нашите дами загубија од Австрија со 19:28.

„Црвено-жолтите" беа рамноправни само во почетниот дел од средбата. По 11 минути игра имавме и водство од 5:4, благодарение на одличниот почеток на Керамичиева која запиша четири погодоци. Сепак, нашиот противник направи серија со која на полувреме замина 14:10.

Фаворитот на денешната средба, а тоа е Австрија немаше проблеми да ја одржи предноста и да дојде до планираните поени, иако во неколку наврати, особено на стартот од продолжението имавме шанса за враќање. Благодарение на неколкуте одлични интервенции на Антиќ намаливме на 12:14 по само пет минути игра.

Но, Австријките до крајот префрлија во повисока брзина и дојдоа до победа од 28:19. Со овој пораз, нашите девојки останаа на два бода, а до крајот на овој турнир преостанува уште натпреварот до Исланд кој ќе се игра утре од 16:00 часот.

Најново во Ракомет