МАКЕДОНИЈА НЕ ЗНААТ ЗА ПОРАЗ НА ЕХФ ШАМПИОНАТОТ ВО ГРУЗИЈА

ЕКСПЕРТИ ЗА ДРАМА: Кадетите искомплицираа, па се радуваа над Швајцарија за прво место во групата

Македонија како првопласирана во групата А оди во полуфиналето. Швајцарија беше совладана со 32:31 (15:12) во дуелот за врвот, по голема нервоза и неизвесност во второто полувреме.

објавено: 14 август 2018 - 12:31

Машката кадетска репрезентација на Македонија како лидер во групата А патува во полуфиналето на ЕХФ Шампионатот во Грузија, откако во дуелот за првото место со 32:31 (15:12) ја совлада Швајцарија.

Се чини дека не може без драма и нервози кога се во прашање кадетите, кои по одличното прво полувреме имаа голем пад во второто, но одново, како вчера против Фарски Острови, со еден гол предност успеаја да се радуваат.

Мартин Серафимов со 10 гола и Марко Кизиќ со 11 интервенции беа најдобрите поединци на мечот.

Со одлична игра во одбраната и расположениот Серафимов Македонија отвори со 2:0. Џигероски и Каковски ја продолжија серијата 4:1, а кога стигна и поддршката од Кизиќ на голот, кадетите дојдоа до +4 (7:3) на средина на првото полувреме.

Држеа темпо, особено силно делуваше дефанзивната линија, па со нова 5-1 серија Македонија дојде до највисоки шест гола 13:7 во финишот на првиот дел, додека на одмор имаше водство од 15:12.

Но, не продолживме така. Швајцарија влезе посигурно во вториот дел, беше поагресивна во сите сегменти и користејќи ги грешките на избраниците на Брестовац не само што се врати на 21:21, туку и за првпат на мечот поведе со 21:23 во 45. минута.

Во последните 15-тина минути од мечот се случуваше вистинска драма и игра на нерви на теренот, во која како победници излегоа македонските репрезентативци.

Нов меч, но и нови херои со оглед на тоа дека против Швајцарија Какоски, Џигероски и Ѓоргиев беа тие кои го имаа последниот збор за победа.

Најново во Ракомет