ДАМИТЕ СЕ КОМПЛЕТИРАА ЗА ВТОРАТА РУНДА ОД КВАЛИФИКАЦИИТЕ

Фарски се нашата надеж!

„Фарски Острови ни е познат противник од претходните квалификации. Ги победивме во претходното соочување, но мора одново да бидеме внимателни и да наметнеме наше темпо на игра доколку сакаме да дојдеме до првите бодови во групата" јасен е селекторот Симе Симовски

објавено: 18 март 2018 - 13:45

По два дена и четири тренинзи некомплетни, селекторот на женската сениорска репрезентација Симе Симовски од денеска на располагање ќе ги има сите 16 ракометарки кои се најдоа на финалниот список за двомечот со Фарски Оствори во рамките од квалификациите за Европското првенство 2018 во Франција.

Само два дена ќе имаат дамите за да направат детална анализа на следниот противник во циклусот, а истовремено и да постават тактика со која ќе дојдат до првата радост во групата три.
Македонија и Фарски Острови во меѓусебните дуели ќе ги бараат првите бодови во квалификациите, со оглед на тоа дека и двата тима во претходните средби, загубија од фаворитите Шведска и Србија (кои во оваа втора рунда натпревари ќе дефинираат кој ќе биде лидерот на табелата).
Репрезентацијата на Фарски Острови е добро позната за Македонија, со нив се соочивме во групната фаза на претходните квалификации за СП 2017, кога ги совладавме со 21:19.

„Максимално го користиме времето со кое располагаме. Ќе одработиме четири тренинзи комплетни и в среда патуваме за Торшавн. Фарски Острови ни е познат противник од претходните квалификации. Имаат осум репрезентативки кои играат и тренираат во Данска. Ги победивме во претходното соочување, но мора одново да бидеме концентрирани и внимателни и да наметнеме наше темпо на игра доколку сакаме да дојдеме до првите бодови во групата. Како и секогаш работам и барам дисциплинирана игра и агресивна одбрана, која ќе ни отвори простор за лесни голови од контра-напад"- вели селекторот  Симе Симовски.

Првиот натпревар со Фарски Острови, Македонија го игра на гости во Торшавн на 21 март, додека втората средба е четири дена подоцна 25 март (недела) во СРЦ „Кале" во Скопје.

СПИСОК НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА
ГОЛМАНИ: Драгана Петковска, Матеја Серафимова
КРИЛА: Јована Саздовска, Сара Ристовска, Наташа Нолевска
БЕКОВИ: Теодора Керамичиева, Марија Штериова, Душица Ѓорѓиевска, Елена Ливриниќ, Елена Ѓеорѓијевска, Дајана Јовановска, Мирјета Бајрамовска, Моника Јанеска, Анастасија Николовска.
ПИКЕРИ: Ивана Гакидова, Марија Николиќ

 

Најново во Ракомет