ПОВРЕДИТЕ НА ПРОТИВНИЦИТЕ НЕ ТРЕБА ДА НЕ ИНТЕРЕСИРААТ

Георгиевски: Да не се радуваме на туѓата несреќа, да си гледаме во нашиот „двор“

Ракометарите на македонската репрезентација во исчекување на денешното приклучување на селекторот, Раул Гонзалез, ги искажаа своите очекувања за претстојното Европско првенство. 

објавено: 26 декември 2017 - 11:40

На официјалниот собир нашите репрезентативци испратија јасни пораки до јавноста, кои се спротивни на очекувањата. Македонија нема да бара победа само на дуелот со Црна Гора, туку ќе се обиде да ја совлада Словенија на стартот, па и да приреди изненадување против големиот фаворит во нашата група Ц, Германија.

Она што не треба да не радува, се и повредите на ракометарите на противниците во групната фаза на Европското првенство кое во јануари ќе се одржи во Хрватска. Еден од најискусните репрезентативци, Гоце Георгиевски потенцираше дека во овој период треба да биде насочени само кон максимална подготовка и ништо друго. 

„Имаме доволно време, знаеме што не чека во Хрватска, добро познати противници, сме играле со нив последниве години, знаеме дека е тешка е првата, но јасно е дека нема лесно на ЕП.

Натпреварите со Словенија и Црна Гора ќе бидат посебни, ќе имаме огромна поддршка од трибините сите, балкански репрезентации сме, се знаеме многу добро и мислам дека и Црна Гора и Словенија ја гледаат својата шанса во нас, како и ние што ја бараме преку нив. Ќе бидат неизвесни натпревари, но оптимист сум.
Мислам дека не треба да се радуваме на туѓата несреќа, да си гледаме во нашите редови и да не се оптоваруваме со тоа дали и кој играч ќе недостасува кај противникот. Не може и не смее да се гледа на тоа. Секоја селекција има квалитетни играчи, па отсуството на еден не е голем хендикеп. Ние треба да се насочиме кон нас и да си ја завршиме работата според посакуваното, односно да се пласираме во следната фаза“, рече Георгиевски.

На македонската репрезентација денеска попладне ќе и се приклучи селекторот, Раул Гонзалез, од четврток на тренинг ќе се појават Филип Талески и Филип Миркуловски, кои вечерва завршуваат со обврските кон своите клубови.

 

 

Најново во Ракомет