КРИЛОТО Е ЕДЕН ОД РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИТЕ КОИ ГИ ПОЗНАВААТ РОМАНЦИ

Георгиевски: Во Клуж не чека пекол, намерно се одлучија за помала сала

Гоце Георгиевски заедно со Никола Митревски и Велко Маркоски се тројцата репрезентативци кои најдобро се запознаени со романскиот ракомет.  

објавено: 5 јуни 2018 - 15:00

Гоце Георгиевски заедно со Никола Митревски и Велко Маркоски се тројцата репрезентативци кои најдобро се запознаени со романскиот ракомет, бидејќи настапуваат во тамошното првенство. 

Популарниот „Џомба“ очекува тешка битка за пласман на Светското првенство, како што веќе пишавме, оваа селекција ќе ја предводи стратегот на Барселона, Чави Пасквал, што пак доволно говори за нивните амбиции.  

„Романија ќе настојува да се пласира на Светското првенство идната година, затоа што овој тим долго време нема учество или позначаен пласман на некое големо натпреварување. Атмосферата таму е таква што Романците ќе гледаат добро ќе се подготват за двомечот со Македонија. Романија во последно време има големи амбиции што се однесува до машката репрезентација. Имаат добар селектор, а тоа е Чави Пасквал, кој е тренер на Барселона. Тимот им е квалитетен, составен е од играчи од домашниото првенство, но и од „странци". Верувам дека ќе освоиме пласман на СП, но нема да ни биде лесно", вели Гоце Георгиевски.

Вториот односно решавачкиот меч од баражот Македонија-Романија, ќе се игра во градот Клуж, каде што на нашата екипа нема да и биде нималку лесно.

"Ќе играме во градот Клуж, којшто мене ми е добро познат. Сум играл во Клуж со мојот романски клуб и навивачите таму знаат да создадат вистинска жешка атмосфера. Во Клуж постои сала со капацитет од 12.000 гледачи, но домаќинот е свесен дека нема да може да ја наполни. Затоа се решија за друга сала со капацитет до 4.000 гледачи, која сигурно ќе биде преполна и ќе се направи атмосфера која ќе му одговара на нашиот противник", вели крилото на македонската репрезнетација.

Но, искуството кое го имаат дел од репрезентативците е доволно за да Македонија излезе со добар резултат од овој двомеч.

„Сме биле во слични ситуации многупати досега и главно сме излегувале како победници. Нема зошто и овојпат да не е така. Пред стартот на подготовките владее редовна атмосфера, нема некоја претерана возбуда и добро е што е така. Ќе повторам, не е прв пат да играме вакви решавачки мечеви со многу тензија и неизвесност. Навикнати сме на тоа" вели Георгиевски.

Најново во Ракомет