Новиот селектор денеска се запознава со ракометарите

Гонзалез: Ја сакам Македонија, целта е пласман на ЕП

„Голема чест за мене е што ќе бидам предводник на оваа репрезентација, бидејќи ја сакам Македонија" изјави новиот селектор

објавено: 1 мај 2017 - 08:00

Машката ракометна репрезентација на Македонија денеска во 09:30 часот ќе го има својот прв собир под водство на новиот селектор Раул Гонзалез. Со тоа, „црвено-жолтите" и официјално ќе ја стартуваат мисијата Исланд, против кого играме во четврток на домашен, а потоа и три дена на гостински терен во рамките на квалификациите за Европското првенство.

Гонзалез ќе го има речиси комплетниот тим на првиот собир, со исклучок на Дејан Манасков и Филип Талески кои ќе се приклучат вечерва на тренингот.

Во интервју за сајтот на ЕХФ, шпанскиот стратег говори за очекувањата со националниот тим.

„Голема чест за мене е што ќе бидам предводник на машката ракометна репрезентација на Македонија, бидејќи многу ја сакам оваа држава. Една од главните цели е настапот на Олимписките игри во Токио, но, до тогаш треба да одиме чекор по чекор. Секако дека првата цел ќе биде обезбедување на настап на Европското првенство во Хрватска идната година. Имаме ростер на ракометари кои играат во најдобрите екипи во Европа а речиси сите настапуваат во Лигата на шампионите. Сè уште не сме го одржале првиот собир со репрезентативците и првен треба да се види атмосферата. Ќе тренираме, па ќе одлучам кои ќе играат против Исланд. Имаме голем предизвик пред нас. Исланд е квалитетна репрезентација. Ќе биде тешко, бидејќи многу работи ќе бидат попознати по овој двомеч" изјави Гонзалез.

Нашата селекција по првите две средби од квалификациите има два бодови во четвртата група, колку што, впрочем имаат и Чешка, Исланд и Украина.

Првиот меч против Исланд го играме во четврток од 20 часот во СЦ „Борис Трајковски".

Најново во Ракомет