Нашата репрезентација ја продолжува одисејата

Македонија преку Исланд гледа кон ЕП во Хрватска

„Црвено-жолтите" со победа против Исланд, во првиот меч со новиот селектор, ќе се искачат на првото место во четвртата група во квалификациите за Европското првенство во Хрватска

објавено: 4 мај 2017 - 16:00

Ракометната репрезентација на Македонија, вечерва (20:00 ч.) против Исланд го игра третиот натпревар од квалификациите за Европското првенство во Хрватска. „Црвено-жолтите" во својот прв настап со новиот селектор ќе се обидат да тргнат со победа и тоа против добро познат противник.

Изминативе осум години овие две селекции пет пати ги одмерија силите, а последен пат тоа се случи на неодамнешното Светско првенство во Франција. Средбата од групната фаза во Мец заврши 27:27, но, од тогаш многу работи се променети кај двете страни.

Како што е добро познато, нашата репрезентација беше предводена од Лино Червар, кој во меѓувреме нè напушти и ја презеде Хрватска. Додека, пак, Исланѓаните се засилени со настапот на нивниот најдобар ракометар Арон Палмарсон, кој го пропушти СП поради повреда.

И двете репрезентации имаат по една победа, односно пораз во четвртата квалификациска група, па така вечерашните два бода ќе бидат исклучително важни. Доколку успееме да дојдеме до нив, ќе се искачиме на првото место во групата, откако вчера Украина ја победи Чешка со 26:23. Сето тоа ќе ни даде подобра позиција за претстојните натпревари каде што главна цел ќе биде пласманот на Европското првенство во Хрватска кое ќе се одржи наредната година.

Најново во Ракомет