Сите репрезентативци пристигнаа во Македонија

Комплетни по Нова година

Дејан Манасков вчера се приклучи на подготовките во Маврово, додека Филип Миркуловски тоа ќе го стори по новогодишните празници.  

објавено: 29 декември 2016 - 12:05

Сите репрезентативци кои се најдоа на списокот на селекторот, Лино Червар за настап на Светското првенство во Франција пристигнаа во Македонија, откако Дејан Манасков и Филип Миркуловски завршија со настапите во Бундес-лигата. Сепак тимот ќе тренира во комплетен состав по новогодишните празници.

Манасков веќе вчера дојде во Маврово, додека Филип Миркуловски со тренинзи ќе започне на вториот собир закажан во „Автокоманда“.

Првиот дел од подготовките кои претежно беа посветени на подобрување на физичката форма завршуваат в петокот, по што репрезентативците ќе имаат два дена слободни. На првиот тренинг во Новата година (втори јануари) Червар ќе излезе со нов список од 19 ракометари. Следниот ден во „Кале", Македонија ќе го одигра првиот од трите контролни натпревар против селекцијата на Босна и Херцеговина. Последните два меча ќе се играат зад затворени врати.   

Светското Првенство во Франција почнува на 11 јануари, а Македонија својот прв натпревар од групата го игра против Тунис на 12 јануари во Мец. Во рамки на групната фаза, нашата репрезентација ќе се сретне уште со селекциите на Ангола, Словенија, Шпанија и Исланд.

 

Најново во Ракомет