НАШИТЕ ХЕРОИ ДЕНЕСКА ОТВОРААТ ПРОТИВ ТУНИС

Македонија е научена да победува на стартот од Мундијалите

„Црвено-жолтите“ од 17:45 часот го играат првиот меч на Светското првенство во Франција. Во досегашните четири настапи, „црвено-жолтите“ три пати започнувале со победа

објавено: 12 јануари 2017 - 09:30

Македонската ракометна репрезентација веќе одамна го има закотвено своето место во елитата. „Црвено-жолтите“ сега имаат шанса, но и обврска да покажат зошто се меѓу најдобрите. Македонија денеска стартува на Светското првенство во Франција. 

Ова е петти пат Македонија да биде дел од планетарните собири, а трет пат во низа. Многупати велат дека стартот на едно турнирско натпреварување е многу важен за понатамошниот тек. Ако се видат претходните Светски првенства на кои учествувала Македонија, може да бидеме оптимисти на стартот.

Во претходните четири мундијалски настапи, Македонија три пати започнувала со победа, а само еднаш има загубено и тоа минимално. На дебитантскиот настап во 1999 година во Египет, Македонија победи со 28:21 против Саудиска Арабија. За жал, тогаш тоа беше и единствена радост, на генерацијата предводена од Пепи Манасков. 

За следниот настап се чекаше 10 години и тогаш во Хрватска, Македонија загуби само со еден гол во дуелот со Тунис (25:24). Работата беше „исправена“ на следните два турнири. На СП 2013 година во Шпанија, Македонија започна со победа од 30:28 против Чиле. Пред две години се реванширавме на Тунис за киксот од 2009 година и на Мундијалот во Катар, Македонија победи со убедливи 33:25. 

Токму Тунис, повторно, е првиот ривал и на турнирот во Франција. Тоа е селекцијата која минатата година ни донесе разочарување, откако загубивме во квалификациите за Олимписките Игри во Рио де Жанеиро. Сега покрај тоа што се очекува „одмазда“ за ланскиот неуспех, секако веруваме и во продолжување на трендот на добри настапи на почетокот на СП. 

Македонија очекува победа и радост која ќе биде како „ветер во грб“ за сите следни мечеви кои ќе ја очекуваат репрезентацијата на турнирот во Франција.

Најново во [Спортмедиа]