ДЕНЕСКА ПОРАЗ НА КАДЕТИТЕ ВО ПОЛУФИНАЛЕТО ОД БЕЛОРУСИЈА

Македонија ќе се бори за бронзата против Швајцарија

Денеска во полуфиналето од ЕХФ шампионатот во Грузија, македонската репрезентација загуби од селекцијата на Белорусија со резултат 30:32 (13:17).

објавено: 18 август 2018 - 18:46

Нашите кадети влегоа во полуфиналето со пет победи по ред и се соочија со второпласираната од групата Б која денеска беше подобра и ќе игра за првото место против Италија која претходно во првиот полуфинален меч славеше над Швајцарија со 27:21 (15:11).

Навистина голема штета, досега блескаа избраниците на селекторот Данило Брестовац, но сега мораа да се помират со првиот пораз на М18 ЕХФ Шампионатот.

Ништо од пласман во А дивизијата, загубени шансите за пласман на ЕП 2020. Пораз во најлош момент, не вредеа ниту 15-те погодоци на Мартин Серафимов. Далеку зад него беа Симоноски со четири голови, по три Костески и Ѓорѓиев, по два Џигероски и Митиќ, а еден беше дело на Карапалески.

Уште од стартот на средбата нашите ракометари имаа проблеми да ја минат грубата белоруска одбрана, но шесте одбрани на Марко Кизиќ само во првите 15 минути од натпреварот, го одржуваа резултатот изедначен. Во вториот дел од полувремето, Белорусија знаеше како да ги искористи промашените зицери и седмерци на нашиот тим и на пауза замина со предност од 17-13.

Во второто полувреме имаа обиди избраниците на Данило Брестовац резултатски да се вратат во игра, но расположените белоруски бекови со поголемиот број погодоци од далечина не дозволија пресврт. Во период од второто полувреме Марко Кизиќ повторно имаше свои минути со неколку одбранети зицери на противникот, но зачестените грешки во нападот во тој период, ја оставија Белорусија во контрола.

На две минути до крајот Македонија дојде до само два негатива и имаше и седмерец, но голманот на Белорусија одбрани и ги сруши надежите за пресврт. Во последните две минути немаше погодок на ниту една страна, а Белорусија прослави триумф од 32-30.

Утре (недела, 19. август) за крај на турнирот, Македонија ќе игра со Швајцарија во мечот за бронзениот медал. Таа средба почнува од 14:00 часот.

 

Најново во Ракомет