Трилер меч, на крајот без победник

Македонија „подари“ реми на Португалија

Во еден меч исполнет со многу грешки, нашата репрезентација одигра 21:21. За пласман на СП во Алжир потребна ќе ни биде победа над Турција, како и „кикс" на Португалија против Полска

објавено: 5 јануари 2017 - 19:14

Јуниорската ракометна репрезентација на Македонија одигра 21:21 против Португалија во рамките на вториот квалификациски меч за Светското првенство во Алжир. Нашите момци, во еден неверојатно конфузен натпревар со многу грешки, практично му подаривме реми на противникот, иако по првиот дел имавме висока негатива.

Играта во првото полувреме беше за заборав. Само во почетните минути бевме подобар противник. Со погодоците на Нелоски и Талески поведовме со 2:0, во четвртата минута, а исто така на голот беше солиден Томовски кој забележа три интервенции за брзо време. Впрочем и најголемата наша предност беше плус два (5:3, 6:4). Но, гостинскиот голман Капдевиље влезе во неверојатна серија по која неговите сонародници постигнаа пет едноподруго голови и во 20. минута, поведоа со 6:9. Ниту тајм-аутот на селекторот Илија Темелковски не донесе големи резултатски проблеми.

И во завршницата од првиот дел, правевме многу грешки, неискористувајќи во неколку навреди предност од еден, односно двајца играчи на теренот. Португалија на пауза замина со водство од 14:9, а најзаслужен за ваквиот исход беше нивниот голман Капдевиље кој забележа девет одбрани.

Идентично тргнавме и во вториот дел. Два едноподруго голови во мрежата на Португалците за намалување на негативата на 11:14. Но, истата можеше да биде дополнително намалена ако беа искористени одбраните на Томовски.

Подобрата игра продолжи, па така по осум минути имавме серија од 5:1, со што заостатокот беше само два гола (14:16). Талески со својот петти гол дополнително ја врати неизвесноста.
Во еден хаос на теренот, нашите млади ракометари во неколку наврати лесно ја продадоа топката, додека тоа го искористи противникот кој преку Тавареш се одвоија на 15:18.
Конечно, успеавме да израмниме (19:19) и тоа со погодокот на Велковски на десет минути пред крајот. Истиот играч ни донесе водство од 20:19, прво во вториот дел.

Кога најмалку беше потребно, ние влеговме во серија грешки. Фернандеш го искористи нашиот кикс и погоди за конечни 21:21. Велковски, кој немаше свој ден, направи пробивање, а од пораз не спаси голманот Томовски.

Најефикасен ракометар кај нас беше капитенот Филип Талески, додека на голот одличен беше споменатиот Томовски со 11 одбрани. Кај противникот Соареш постигна пет, додека Капдевиље имаше11 успешни интервенции.

Со ова реми, Македонија и Португалија имаат по три, додека по нив следува Полска со два бода. Турција е на дното без ниту еден бод.

Во игра се многу комбинаторики, а најдобрата за нас е победа на Полска над Португалија, како и наш успех над Турција во средбата која што се игра од 14:30 часот.

Најново во Ракомет