ДЕНЕСКА ВО СКОПЈЕ ПОЧНУВА ЕХФ ШАМПИОНАТОТ

Мисијата за најсилното друштво, Македонија ја почнува против Велика Британија

Преку ЕХФ Шампионатот во Скопје, Македонија треба да се промовира во учесник на ЕП

објавено: 20 јули 2018 - 14:00

Потврдата дека на машката младинска репрезентација на Македонија местото и е во најсилното друштво треба да ја добиеме од 20 до 29 јули, на ЕХФ Шампионатот У20 во СЦ „Борис Трајковски" во Скопје.

Македонија како организатор, од групата Б каде за противници ги има Велика Британија (која е и наш прв противник), Швајцарија, Италија и Украина, ќе треба да избори пласман во полуфиналето, а од таму и до највисоката позиција, која ќе не промовира во учесник на Европското првенство.

Селекторот Данило Брестовац на располагање има 24 ракометари, а составот од 16 ќе биде познат непосредно пред првиот предизвик – Велика Британија, денеска (20 часот).

Улогата на лидери во тимот треба да ја превземат Дарио Петровски, Томислав Јагуриновски, Мице Шилегов, Мартин Серафимов... репрезентативци кои ги гледавме и на СП за јуниори лани во Алжир, кое се изборија за историското шесто место.

Селекторот Брестовац е оптимист дека неговите момци ќе потврдат дека заслужуваат место на ЕП.

„Подготвени сме да одговориме на предизвикот и верувам дека од меч во меч ќе растеме и ќе ја подобруваме нашата игра. Нема да правам притисок и да барам максимум, барам секој играч да го даде својот оптимум и мислам дека и со тоа ќе направиме три чекори напред од досега прикажаното", позитивно размислува селекторот Данило Брестовац и додава:
„Добро е што отвораме со Велика Британија, кој се послаб противник. Тоа ќе ни овозможи, се надевам, лесно да ја минеме првата пречка, која некогаш знае да биде и најтешка. Имаме многу фактори на наша страна – домашен терен, ракометари со ЕП и СП искуство и се надевам дека ќе растеме како тим и на крајот на Шампионатот ќе потврдиме дека местото ни е во најсилното друштво".

На ЕХФ Шампионатот во Скопје ќе се натпреваруваат 11 репрезентации поделени во две групи. Најдобропласираните две репрезентации од секоја група, ќе вкрстат во полуфиналните средби што ќе се играат на 28 јули, додека останатите селекции ќе разигруваат за пониските места на турнирот. Финалето, мечот за третото место и сите останати натпревари за пласман се играат на 29 јули. Сите натпревари се играат во СЦ „Борис Трајковски", а според распоредот, дневно на програмата се по пет натпревари, почнувајќи од 12:00 часот на пладне. Влезот во салата за сите натпревари на турнирот ќе биде слободен.

ЕХФ ШАМПИОНАТ У20
1.КОЛО (денеска)
ГРУПА А
Белорусија – Грција 12:00ч.
Фарски О. – Литванија 14:00ч.
Финска – Естонија 16:00ч.
ГРУПА Б
Швајцарија – Украина 18:00ч.
МАКЕДОНИЈА – В. Британија 20:00ч.

Најново во Ракомет