Одличен меч и победа на нашата репрезентација

Македонската фурија тргна со еуфорија

Нашата репрезентација го совлада Исланд со 30:25 и дојде до првата победа под водство на новиот селектор Раул Гонзалез

објавено: 4 мај 2017 - 21:46

Ракометната репрезентација на Македонија оствари победа од 30:25 над Исланд во третото квалификациско коло за Европското првенство во Хрватска, идната година. Нашата селекција, под водство на новиот селектор Раул Гонзалез кој за прв пат ја предводеше на еден официјален натпревар, имаше и повеќе од добар почеток. Во најголемиот дел од мечот имавме контрола на резултатот.

Првиот дел комплетно мина во знакот на нашата селекција. Доминација во секој сегмент од играта, а противникот единствено немаше одговор. Единствено во првите минути резултатот беше изедначен, а потоа тргна „црвено-жолтата фурија" со одбраните на Ристовски кои до паузата беа седум. Во нападот, пак, капитенот Кире Лазаров ја диригираше играта, па така на паузата заминавме со водство од 15:13, иако таа можеше да биде и за еден гол повисока, бидејќи „рибарите" ја погодија мрежата во последните секунди.

По три минути игра во вториот дел, Македонија го проби ледот, но, Исланд со два погодоци намали на 16:15, а по една конфузија, Густавсон со удар од гол на гол донесе реми по подолго време. Додека, пак, Палмарсон по новата наша лоша акција даде гол за водство од 17:16 на што Гонзалез реагираше со тајм-аут.

Нападот веднаш потоа не беше реализиран, но, со одличната одбрана на Ристовски, имавме можност за израмнување, а тоа го направи повторно Георгиевски ега во 37. минута.

Успеавме да ја стабилизираме играта и да го сопреме налетот на Исланд, а со головите на Стоилов и Кузмановски, Македонија повторно поведе.

Новиот налет го најавија Стоилов, Ристовски и Георгиевски, па така „црвено-жолтите" ја вратија предноста од два гола (22:20) во 47. минута.
Филип Талески испрати „проектил" од девет метра во мрежата на Густавсон за 23:20, но, еуфоријата веднаш ја намали Палмарсон. Сепак тоа не го спречи нашиот репрезентативец во редовите на Рајн Некар Левен да постигне уште еден гол (24:21).

Во 52. минута Кире Лазаров со удар од седум метри го постигна својот десетти гол, а Македонија поведе со 26:23. Исланд набрзина со два гола ја врати незивесноста, а Македонија истата повторно ја тргна, барем за кратко со голот на Миркуловски (27:26).

По нереализираниот напад на Исланѓаните, капитенот Лазаров со погодок својствен за него не однесе на 28:25.
Во завршните, одлучувачки моменти, одигравме можебио и најдобар ракомет. Ристовски со неколку интервенции ги запре Исланѓаните, а нападот одлично си ја заврши работата.

Кире Лазаров со 11 голови беше најефикасен, додека на голот блескаше Ристовски кој имаше 13 успешни интервенции. Талески исто така беше одличен со по пет гола, додека кај Исланѓаните по шест гола имаа Палмарсон и Сигурдсон.

Со оваа победа, Македонија се искачи на првото место во четвртата квалификациска група со четири бодови по три одиграни кола Во наредното, кое се игра в недела повторно опонент ќе ни биде Исланд.

Најново во Ракомет