ДОДЕКА СЕ РАДУВАМЕ НА СП, МИСЛИМЕ НА ИДНИНАТА

Манасков: Младите момци мора да созреат

Континуитетот на учества на големите натпреварувања и тоа како има големо значење за поискусната генерација, но и онаа чие време допрва доаѓа.

објавено: 14 јуни 2018 - 08:30

Македонската ракометна репрезентација во Клуж го завери шестото Светско првенство, четврто по ред, откако очекувано го добивме бараж дуелот со Романија. Континуитетот на учества на големите натпреварувања и тоа како има големо значење за поискусната генерација, но и онаа чие време допрва доаѓа.

Колку и да не сакаме да мислисме на деновите што доаѓаат, јасно е дека за година или две ќе дојде до промена во составот. Овој факт е неизбежен, но нашите момци се подготвени и за тој ден. 

Но, како што вели Дејан Манасков помладите мора да ги искористат овие моменти за да ракометот остане на истото ниво. 

 "Тоа е исклучителна важност за оваа генерација и за следната која доаѓа. Овие квалификации и следните можеби ќе ги одиграме во овој состав, но после тоа мора да дојде до очекуваната смена на генерации кога националниот тим ќе го напуштат неколку искусни ракометари. Тоа е така во секоја репрезентација па мора да се случи и кај нас. Се надевам дека овие млади момци ќе созреат уште повеќе во следните година-две, и ќе продолжиме во континуитет да обезбедуваме пласман на големите натпреварувања", вели Дејан Манасков, кој беше најефикасниот на дуелот во Клуж.

Македонската репрезентација доцна синоќа се врати во Скопје, по напорната сезона ракометарите ќе одат на заслужен одмор.

 

 

Најново во Ракомет