ДОМА НИКОЈ НЕ СМЕЕ ДА НИ ПИСНЕ

МИРИСА НА НОВО СВЕТСКО: Фуриозна Македонија - Романија на „колена“

Македонската ракометна репрезентација сигурно чекори кон нов пласман на едно големо натпреварување. Раул Гонзалез и неговите избраници го добија првиот бараж двомеч со Романија, ја совладаа со 32-24.

објавено: 10 јуни 2018 - 22:17

ФОТО: Петр Стојановски

Македонската ракометна репрезентација сигурно чекори кон нов пласман на едно големо натпреварување. Раул Гонзалез и неговите избраници го добија првиот бараж двомеч со Романија, ја совладаа со 32-24 (15-10). Останува нашите момци во среда во Клуж да ја потврдат играта и да ги чекаат противниците за Мундијалот, кој следната година ќе се одржи во Германија и Данска. 

Лазаров со осум погодоци е нашиот најефикасен ракометар, Манасков е втор стрелец со шест гола. Ристовски беше на ниво на задачата со 15 интервенции од кои осум во првото полувреме. 

Романците ни го украдоа шоуто само во првите две минути, Чави Пасквал одлучи со „седум на шест“ да му создаде проблеми на неговиот сонародник, Гонзалез. Ова му успеа само во првите два напади, гостите поведоа со 0-2. Капитенот Кирил Лазаров го скрши ледот и заедно со двајцата најискусни ракометари, Миркуловски и одличниот Ристовски (во првото полувреме имаше осум одбрани) беа креатори на серија од 6-0 за водство од 8-2 во 14. минута. 

Романија која цели десет минути немаше постигнато гол, имаше краток блесок, со четири гола се доближи на 9-6 во 19. минута, Ракотеа ги разбуди своите момци. Но, тука и застана. Одново влеговме во ритам, Лазаров беше лидерот на серијата од 4-0 за највисоки во овој дел мечот (15-8). На полувреме резултатот беше 15-10.

По одморот Раул направи мали промени во составот, за првпат на мечот влегоа Филип Лазаров, Гоце Георгиевски и Жарко Пешевски, кој постигна два гола. Романија имаше неуспешни обиди да се врати во игра, нашите момци бесмислосно го газеа противникот. Со 5-0 серија, предводена од Дејан Манасков и неговите три гола, Македонија во 42. минута поведе со највисоки 24-14. 

Пред стартот на последните десет минути влеговме во мали проблеми, две исклучувања, два промашени седмерци (противничкиот голман Попеску влезе во ритам), ја стопија големата негатива, Романија дојде на 27-20, а Раул не сакаше да се „коцка“, па повика нов тајм-аут.

Не дозволивме противникот да отиде предалеку, искусно го приведовме мечот. Позитивата од оусм гола, треба да биде повеќе од доволна за реваншот во Клуж. 

Најново во Ракомет