ЗАТОА Е ГОЛЕМ БОРЕЦ

Миркуловски: Желни сме да направиме повеќе од досега, мора да ги победиме

„Тие се во улога на фаворити, бронзени се од последното СП и тоа ги прави условно поквалитетен тим од нас. Но, тие се послаби отколку на првенството во Франција“, вели Филип Миркуловски. 

објавено: 13 јануари 2018 - 09:55

Од Загреб, Марија Ковачева

Часови не делат од првиот дуел на Европското првенство, против Словенија. Цела Македонија дише во ритамот на ракометот...Веќе сè е кажано, Раул Гонзалез и неговите избраници ги прават последните договори...останува најважниот удар да го зададеме на теренот. 

Нашите момци се свесни за квалитетот што го поседува Словенија, фаворитската улога им ја пропуштаат на нив. Но, не секогаш на отварањето на едно големо натпреварување победувал подобриот. Ние ќе се водиме од оваа мисла, бидејќи знаеме дека ракометарите ќе го дадат последниот атом сила. Верба дека вака ќе биде ни влеја големиот борец, Филип Миркуловски.  

„Одработевме добри подготовки и подготвени сме за првиот натпревар. Сите сме здрави и тоа е најважното во пресрет на овој натпревар. Словенија е нашиот прв противник, тие се во улога на фаворити, бронзени се од последното СП и тоа ги прави условно поквалитетен тим од нас. Но, тие се послаби отколку на првенството во Франција со оглед на тоа дека им се повредени неколку играчи и нема да бидат во истиот состав.
Но, тоа не значи дека ќе биде полесен натпреварот. Прв меч, натпревар што може многу значи за двете репрезентации. За нас конкрентно, овој меч е шанса да освоиме бодови што понатаму ќе играат голема улога. Желни сме да направиме повеќе од досега и за таа цел мораме да победиме“, изјави Филип Миркуловски.

Натпреварот меѓу Македонија и Словенија е закажан со почеток во 19:30 часот, првото коло во нашата група Ц го отвараат Црна Гора и Германија.

 

Најново во Ракомет