ВТОР ПОРАЗ ЗА МЛАДИНЦИТЕ НА СП ВО АЛЖИР

НÈ ОДВЕА ШПАНСКА ФУРИЈА: Бразил последна шанса за 1/8 финале

Македонската младинска репрезентација го забележа вториот пораз на Светското првенство во Алжир, откако беше надиграна од фаворитот Шпанија со 25-36 (8-18). 

објавено: 23 јули 2017 - 20:26

Шансата за осминафиналето дефинитивно ќе ја бараме на утрешниот дуел против Бразил (доколку „кариоките“ ја победат Буркина Фасо вечерва) во рамките на последното коло на Светското првенство во Алжир. Само желбата не беше доволна за реми или пак победа против Шпанија. „Црвената фурија" на дело покажа дека е класа, за тоа говорат крајните 25-36 (8-18).

Избраниците на Илија Темелковски мора што побрзо зад себе да го остават овој пораз и да соберат сили за утрешниот натпревар против „кариоките“. И бод ќе биде доволен за да го продолжиме мундијалскиот сон. 

Освен 4-5 на стартот на натпреварот, во продолжение од мечот доминираше Шпанија, која предводена од помалиот брат на Алекс Душебаев, Даниел лесно дојде до двоцифрени 18-8 на полувремето, а потоа без проблем ги забележа новите два бода за зацврстување на врвот на табелата во нашата група Ц. 

Шпанците и натаму имаат максимален ефект од четири победи (6 бода), зад нив е Тунис со 5 бода, додека на третото место е Македонија со четири, по што следуваат Русија со три и Бразил со два. Репрезентацијата на Буркина Фасо нема ниту еден освен бод. Оваа табела е без крајниот исход од дуелот меѓу Бразил и Буркина Фасо, кој почнува во 21 часот. 

Македонија и Бразил утре играат со почеток во 19 часот. 

 

 

Најново во Ракомет