УСПЕШНО ОТВОРАЊЕ НА ЕХФ ШАМПИОНАТОТ ВО ГРУЗИЈА

НЕМА НИШТО ЛЕСНО: Македонија од +6 на „мускули" до победа над Литванија

Кадетите со триумф над Литванија 32:30 (19:13) го започнаа настапот на ЕХФ Шампионатот У18 во Тбилиси. Имаа одличен финиш на првото полувреме, но се намачија во второто.

објавено: 10 август 2018 - 14:37

Првиот чекор кон билетот за ЕП У18 2020 машката кадетска репрезентација на Македонија го направи со победа над Литванија 32:30 (19:13) на стартот на ЕХФ Шампионатот У18 во Тбилиси, Грузија.

Момците на селекторот Данило Брестовац одиграа одличен стартен меч имаа постојана контрола над резултатот, но осцилациите во играта беа тие кои ги принудија од комотни шест гола предност (19:13) на полувремето, на „мускули" да се радуваат на првиот триумф.

Имаа одличен финиш во првото полувреме нашите кадети. Предводниците Костески и Серафимов добија поддршка од Ѓоргиев, Џигеровски и Божиновски во нападот, одбраната функционираше одлично, па од 14:10, зголемија на 16:11, односно за со највисоки 19:13 да заминат на одмор.

Во продолжението имавме проблеми и во одбраната, но и во реализацијата на нападот. Во средината на полувремето правевме многу прекршоци за седум метри, поточно со три пенали во низа и со човек повеќе на теренот Литванија се доближи на само еден гол, 25:24.

Но, навреме Брестовац ги врати своите момци, кои со 4-1 серија (Кондев, Серафимов и Џигеровски) не вратија на 29:25, за потоа да ја потврдат и победата од 32:30.

Вториот противник на Македонија на ЕХФ Шампионатот е Луксембург со кој се среќаваме утре, во истиот термин, 13 часот. Недела е слободен ден за нашите кадети.

Најново во Ракомет