Нашата репрезентација денеска го игра третиот меч на СП

Победа над Словенија за „црвено-жолт“ хет-трик

Со триумф над „змајчеки", нашата репрезентација и дефинитивно ќе го потврди пласманот во осмина-финалето на Мундијалот. Тоа ќе биде третата „црвено-жолта" победа во групата „Б". Пораз, нема да биде трагедија бидејќи ќе останеме со реални шанси за пласман понатаму

објавено: 16 јануари 2017 - 16:44

Македонската ракометна репрезентација вечерва против Словенија од 17:45 часот го игра третиот меч од Светското првенство. По победите над Тунис и Ангола, „црвено-жолтите" ќе се обидат да дојдат и до првата „европска" победа на овој Мундијал.

Несомнено Словенија ќе претставува вистински тест за нашиот квалитет и дострелите во Франција. Селекцијата која што е предводена од Веселин Вујовиќ има квалитет да направи изненадување на СП, а со популарниот Вујо на клупата, сè е можно.

Од друга страна, пак, нашата репрезентација сè уште го нема потврдено својот пласман во елиминациите, иако и во случај и на пораз денеска тоа е реално.
Сепак, Македонија влегува со свои пресметки во овој меч и со по двете победи, јасно е дека апетитот и амбициите се зголемени.

Во секој случај, вечерва не очекува спектакл. Лино Червар против Веселин Вујовиќ, Кире Лазаров против Гаспер Маргуч, Филип Миркуловски против Марко Безјакл.

На нам останува да уживаме и да ги бодриме нашите момци во походот кон третата победа на Мундијалот.

Најново во Ракомет