МЛАДИНЦИТЕ КОИ СЕ ШЕСТИ ВО СВЕТОТ ЗАДУТРЕ СЕ ВРАЌААТ ДОМА

Ракометните херои во вторник наутро доаѓаат во Скопје

Избраниците на селекторот Илија Темелковски го остварија најдобриот пласман на еден национален тим на мундијалско натпреварување

објавено: 30 јули 2017 - 18:30

Младата ракометна репрезентација на Македонија како шестопласирана ќе си замине од Светското првенство во Алжир. „Црвено-жолтите“ го завршија Мундијалот со пораз од Унгарија, во борба за петото место, но тоа не го расипа одличниот настап на надежите кои во иднина треба да бидат носители и во сениорскиот состав. 

Македонија на шампионатот заврши со пет победи (две против Русија и по еднаш против Бразил, Буркина Фасо и Алжир), како и три порази (Шпанија, Тунис и Франција). Досега ниту еден национален тим на Македонија не завршил на шестото место на планетарен собир.

Експедицијата од Алжир на пат за Скопје тргнува утре попладне. Поради долгото чекање на аеродромите и лошите конекции, тие ќе се вратат во вторник наутро.

Според најавата, тие треба да бидат на скопскиот аеродром наутро околу 8:30 часот. Македонските млади ракометари покажаа дека имаме одлична иднина во овој спорт, кој досега има донесено најмногу радост на македонските навивачи. 

Најново во Ракомет