СЕЛЕКТОРОТ Е ПРЕТПАЗЛИВ КАКО И СЕКОГАШ

Раул не го менува ставот: Мора да бидеме внимателни, Романија има потенцијал

Раул Гонзалез и неговите избраници ги прават последните договори пред утрешниот реванш дуел со Романија за пласман на Светското првенство следната година. 

објавено: 12 јуни 2018 - 18:49

Од Клуж,

Марија Ковачева

Позитивата од осум гола (32-24) по првиот дуел со Романија ја прави македонската репрезентација речиси сигурен патник на Светското првенств кое следната година ќе се одржи во Германија и Данска. Но, ако го прашате Раул Гонзалез ништо не е готово, во Клуж нашите момци мора да одиграат уште еден добар меч доколку сакаат да го заверат мундијалскиот билет. 

„Сите велат дека ќе биде лесно ама кога се игра на домашен терен сите играат подобро. Ако не почнеме добро и тие направат 3-4 гола разлика ќе имаат шанса да победат. Поради тоа потребно е да одиграме како што игравме во Скопје. Знаеме дека тие може да направат промена во играта, не сум сигурен што, но мора да се подготвуваме најдобро што можеме и мора да бидеме мирни. Сите во Македонија се многу сигурни дека ќе се пласираме на СП, но мора да се има почит и трпение и да се одигра како што треба и во реваншот.", вели Раул Гонзалез.

Како и секогаш нашиот селектор е подготвен на сè, очекува дека неговиот сонародник Чави Пасквал ќе промени нешто, бидејќи во Скопје неговата Романија изгледаше очајно.

„Има Романија да направи капацитет нешто големо, затоа што влогот е голем. Ние одигравме добро во Скопје, но тие имаат и добра, висока одбрана и силни шутери од надвор. Во Скопје Борко беше одличен во првото полувреме. Има шанси Романија затоа што имаат добри играчи и одличен тренер. Може да промени во напад „седум на шест", прави комбинации и во одбраната, 6-0, 5-1, 4-2, но реално е дека нема ниту многу време за промени во играта.
За мене не е важно дали сме фаворити или не, ние знаеме дека имавме одлична поддршка во Скопје, но за секој спортист е важно да го почитува противникот и да одигра најдобро што може. Ако можеме првите пет – десет минути да одиграме силно и квалитетно, ќе биде многу добро за нас.".

Натпреварот меѓу Романија и Македонија се игра утре со почеток во 17:30 часот по македонско време. 

Најново во Ракомет