ОБВРСКИТЕ КОН КЛУБОВИТЕ ГО КОЧАТ СТАРТОТ НА ПОДГОТОВКИТЕ

Репрезентацијата ќе биде комплетна после 26 декември

Предводникот на македонската репрезентација, Раул Гонзалез дополнително ќе одреди кога ќе биде првиот собир. Шпанскиот стратег на стартот на подготовките нема да може да смета на дел од најискусните ракометари, доколку истите почнат пред 20 овој месец.   

објавено: 5 декември 2017 - 14:10

Предводникот на македонската репрезентација, Раул Гонзалез дополнително ќе одреди кога ќе биде првиот собир. Шпанскиот стратег кој денеска го соопшти поширокиот список, на стартот на подготовките за Европското првенство кое од 12 до 28 јануари ќе се одржи во Хрватска, нема да може да смета на дел од најискусните ракометари, доколку истите почнат пред 20 овој месец.

Филип Талески и Филип Миркуловски последниот меч во Бундеслигата го играат на 26 декември. На списокот на играчи кои што ќе доцнат на подготовките ќе бидат и Немња Прибак и Филип Лазаров, нивниот Бешикташ оваа година ја затвара на 24 овој месец. 

Капитенот Кире Лазаров со неговиот Нант последниот меч го играат на 20 декември, а на истиот датум со обврски кон Веспрем завршува, Дејан Манасков. 

Од поискусните ракометари нешто порано ќе завршат Борко Ристовски, голманот на Барселона после 13 ќе биде слободен. Повеќе денови за одмор ќе имаат Стојанче Стоилов (Вардар), играчите на Металург, како Македонците кои настапуваат во Романија, таму првенството завршува на 14 декември.

Првичниот план на Гонзалез беше првиот собир да биде на 17 или 18 декември. Истиот да биде закажан нешто подоцна, нема да се одрази негативно особено ако се земе во предвид дека дел од ракометарите се во одлична форма, бидејќи настапуваат во Лигата на шампионите и во посилни првенства. 

Како што најави шпанскиот стратег, Македонија ќе одигра само два контролни натпревари, а спаринг партнери ќе ни бидат Саудиска Арабија (4 јануари) и Србија (5 јануари). 

Македонија на стартот (13 јануари) ќе игра против Словенија, во нашата група уште се Црна Гора (15 јануари) и Германија (17 јануари). Групната фаза ја играме во Арена Загреб, а доколку обезбедиме место во следната фаза се селиме во Вараждин. 

Најново во Ракомет