МЛАДИНЦИТЕ ЕДВАЈ ИЗВЛЕКОА РЕМИ

Шилегов „спаси“ бод против Италија

Младинската ракометна репрезентација на Македонија одигра без победник против Италија (27-27) на ЕХФ Шампионатот У20, кој се одржува во Скопје. 

објавено: 23 јули 2018 - 19:38

Младинската ракометна репрезентација на Македонија одигра без победник против Италија (27-27) на ЕХФ Шампионатот У20, кој се одржува во Скопје. Мице Шилегов е ракометарот кој донесе голем бод, од седум метри го постави крајниот резултат. 

Мечот започна изедначено, се играше гол за гол, до 20. минута, во која при 9-9 нашите ракометари со два гола во серија поведоа со 9-11, а потоа и со 10-12. На полувремето Македонија имаше предност од еден гол 12-13.

По одморот имавме кратка доминација, поведовме со 13-16, а потоа и со 16-18, но Италијанците не се предадоа, со серија од 3-0 поведоа со 19-18 во 44. минута. Предводникот на „црвено-жолтите", Данило Брестовац повика тајм-аут.

Мице Шилегов од седум метри го прекина налетот на противникот, кој пак не застана, ги казнуваше нашите грешки и во 48. минута имаше 21-19, а потоа 23-20. Успеавме да се доближиме на 23-22, и секако да го принудиме противникот да повика тајм-аут. 

Откако не искористивме два напади за изедначување (еден промашен седмерец на Шилегов), дури од трет обид дојдовме на 23-23, во период кога Италијанците имаа играч помалку. Од овој момент се влезе во неизвесна завршница, се играше гол за гол. Во последната минута при 27-26, Шилегов не погреши по вторпат, изедначи на 27-27. Последниот напад го имаше Италија, но нашите момци не им дозволија да шутнат кон голот. 

По овој меч, Македонија е на второто место на табелата во групата Б со три бода, еден помалку од репрезентацијата на Швајцарија, со која играме утре. 

Најново во Ракомет