МУНДИЈАЛСКАТА ВИЗА МОРА ДА СЕ ОСИГУРА ВО СКОПЈЕ

Талески: Дома треба да ја завршиме работата

Последна обврска за македонските ракометари пред да заминат на заслужен одмор е двомечот со Романија во баражот за Светското првенство 2019 во Данска и Германија.

објавено: 9 јуни 2018 - 18:50

Во моментов ракометната репрезентација на Македонија е нашиот најуспешниот национален тим. Капитенот Кирил Лазаров заедно со останатите соиграчи со години се дел од големите натпреварувања. По ЕП во Хрватска на дневен ред е бараж двомечот со Романија за пласман на Светското првенство кое следната година ќе се одржи во Германија и Данска.

Првиот дуел Македонија го игра утре во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 20:30 часот. Токму оваа средба ќе го одреди патот до новиот мундијалски предизвик. Бекот на Рајн Некар Левен, Филип Талески, потенцира дека домашниот терен мора да се искористи максимално.

„Првиот натпревар во Скопје треба да го одиграме максимално, со поддршка од публиката и со посебна енергија и да се избориме за позитивен резултат, кој ќе ни овозможи во реваншот само да го потврдиме пласманот на СП. Со Романија не сме се соочиле досега, но оние кои настапуваат во романското првенство потенцираат дека не е репрезентација за потценување и дека таквиот однос може да ни се врати како бумеранг. Затоа на домашен терен мора да дадеме 200 посто од себе. Јасно е дека е крај на сезона, но секој од нас е подготвен да го даде и последниот атом за да излеземе како победници од двомечот", вели Филип Талески.

Голем е влогот, кој го носат натпреварите со Романија, а комплетната селекција е и тоа како свесна за тоа.

„Потребно е да го задржиме континуитетот. За нас ќе претставува голем неуспех ако не се пласираме на СП. Скоро една деценија сме редовен учесник на големите натпреварувања и така треба и да продолжиме, а истовремено овој мундијал ни е важен и за олимписките квалификации. Доволно сме зрели и искусни, сме играле и сме излегувале како победници и во дуели со многу подобри репрезентации од Романија и не смееме да дозволиме ништо да не изненади и дефокусира", заклучува бекот.

Најново во Ракомет