РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦОТ ДЕБИТИРАШЕ ТОКМУ ПРОТИВ ЈУЖНИОТ СОСЕД

Талески: Ќе играм со посебна емоција против Грција

„Ќе играм со посебна емоција и мотив против Грција, не толку поради политичките несогласувања, туку поради тоа што тоа е селекција против која дебитирав во А тимот“, изјави Филип Талески. 

објавено: 14 април 2018 - 12:00

Македонската репрезентација својот нов настап на Европските првенства ќе го бара против Турција, Грција и Исланд, група за мерак и продолжување на континуитетот на големите натпреварувања. Раул Гонзалез и неговите момци овој пат ќе се борат за пласман на ЕП 2020 година кое за првпат ќе биде организирано од три федерации - Шведска, Австрија и Норвешка.

За големата надеж на репрезентативниот ракомет, Филип Талески, мечот го Грција буди посебни емоции, не поради политичките несогласувања со оваа земја. Во баражот за СП 2015 (славевме со 35-23 и 27-25), играчот на Рајн Некар за првпат дебитираше во националниот дрес. 

„Ќе играм со посебна емоција и мотив против Грција, не толку поради политичките несогласувања, туку поради тоа што тоа е селекција против која дебитирав во А тимот. На првиот меч со Грција, тогашниот селектор Обвран не ми даде шанса, но играв на реваншот во 'Борис Трајковски' и постигнав два гола, а тоа се моменти кои не се забораваат", вели Талески за „Македонски спорт“.

Што се однесува до групата, вели дека Македонија ќе има голема шанса да се најде на ЕП 2020.

„Првпат имаме една група во која нема голем фаворит и во која се чини дека нема да имаме потешкотии. Секако без потценување за ниту еден тим. Исланд е стар познаник, некако се добива впечаток дека не можеме без нив, таква ни е среќата", како на шега коментира Талески и продолжува „Турција и Грција се селекции кои сметам дека се со послаб квалитет, но реков без потценување. Особено Турците многу вложуваат во ракометот во последно време. Сепак, среќен сум што имаме една ваква, да речам, полесна група, во која многу работи зависат од нас. Ќе играме дуели за престиж и 'расчистување на сметки'“.

Македонија квалификациите ќе го започне на домашен терен против Турција во период од 24 до 28 октомври 2018, додека во истата фаза и гостуваме и на Грција.

Најново во Ракомет