СЕ ОГЛАСИЈА ОД МРТВ

„Успеавме во уште една поважна мисија, преносите да бидат на македонски јазик“

„Подгответе се за вистинско уживање во текот на 18-те мундијалски дена со врвен ракомет во неограничени количини на Македонската Телевизија“, порачаа од МРТВ. 

објавено: 5 декември 2018 - 13:10

Веќе објавивме дека директен пренос од настапот на македонската ракометна репрезентација на Светското првенство во Германија и Данска ќе врши Македонската Телевизија, која и официјално ја потврди информацијата. 

„Македонската Телевизија ги обезбеди ексклузивните терестријални права за телевизиско покривање на Светското Првенство во ракомет, коешто од 10 до 27 јануари ќе се одржи во Германија и во Данска.

Во изминатиот период Јавниот Сервис вложи огромни напори за да остане верен придружник на македонската репрезентација на настапите на најголемите светски ракометни собири. Целта ја оствари, но успеа и во уште поважната мисија – преносите од натпреварите на нашиот национален тим и на овој значаен меѓународен настан да бидат на македонски јазик !
Подгответе се за вистинско уживање во текот на 18-те мундијалски дена со врвен ракомет во неограничени количини на Македонската Телевизија“, изјави уредникот на спортската редакција на МРТВ, Драган Николовски.

Македонија првиот меч го игра на 11 јануари за противник ќе ја има селекцијата на Јапонија. 

 

 

Најново во Ракомет